Македонија

Армијата на Македонија слави 33 роденден

Централна свеченост ќе се одржи во касарната „Јане Сандански“ во Штип каде ќе се обратат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски

Повеќе од три децении исполнети со посветеност, пожртвуваност, знаење, храброст и одлучност во служба на Татковината ќе бидат одбележани со пригодна програма и присуство на високи државни и воени претставници.

Според протоколот на свеченоста, со пригоден говор на присутните ќе им се обратат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

На централната свеченост ќе бидат построени и новопромовираните 26 потпоручници и 149 подофицери.

За време на централната свеченост, претседателката Сиљановска-Давкова, како што соопшти Генералштабот на Армијата, ќе го одликува со „Орден за воени заслуги“ Центарот за обука на питомци и офицери, кој е дел од Командата за обука и доктрини.

На свеченоста се очекува да присуствуваат претседателот на Собранието, Африм Гаши, министри во Владата, пратеници во Собранието, поранешни министри за одбрана и началници на генералштабот, пензионирани генерали, високи гости од повеќе институции во Републиката, воено-дипломатскиот кор во Република Северна Македонија и други.

Одбележување на 18 август – Денот на македонската Армија почна во петокот (15 август) пред платото на Министерството за одбрана и Генералштабот. Министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски по повод Денот на Армијата се обратија пред вработените при што ја истакнаа нивната професионалност и посветеност на службата.

На свечениот собир на вработените Министерството за одбрана и Генералштабот присуствуваа и заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар Елизабета Чуповска Ристова, директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, вработени во Министерството и Генералштабот и останати гости.

По повод Денот на Армијата синоќа во скопската касарна „Илинден“ беше извршена почесна артилериска стрелба со истрелување 10 плотуни од артилериски орудија од состав на артилерискиот баталјон на Армијата.

За роденден на Армијата е избран 18 август, денот кога во 1943 година на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев”, кој се смета за првата организирана воена формација на НОВ на Македонија. Процесот за формирање на современата македонска Армија, пак, започна во 1992 година, кога тогашниот претседател Киро Глигоров, со раководството на ЈНА го потпиша договорот за дислокација на федералната армија од територијата на Република Македонија.

Македонската Армија денес е составен дел од најголемиот колективен безбедносен систем откако Република Северна Македонија во март 2020 година стана 30 полноправна членка на НАТО.

Најнови вести од: Македонија

(Фото): Скопје како „Новoгодишна зимска бајка“ – магија во главниот град

На скопскиот плоштад „Македонија“, во присуство на жители на главниот град и граѓани од целата држава, вечерва свечено беше осветлена новогодишната елка и отворен Божиќниот маркет, со што и официјално започна празничната програма „Скопје – новогодишна зимска бајка“, која ќе трае до 31 декември.

Мицкоски: Нема никаква врска дека ќе се населуваат мигранти, ова е тема измислена од СДСМ, за да ги скријат внатрешните проблеми

Нема вистина во пишувањата на британските медиуми за мигрантски кампови во Македонија!“ – порача Христијан Мицкоски претседател на Владата на Република Македонија во вечерашното интервју во „Тема на денот“ на ТВ Сител.

Трезорот работи – простор за паника нема, смирува Димитриеска-Кочоска

Последните денови јавноста е преплавена со најави дека државниот трезор ќе се затвори на 15 декември поради недостиг на приливи, што би значело стопирање на сите исплати, вклучувајќи пензии, социјални трансфери и К-15. Министерството за финансии и Владата категорично ги демантираат овие тврдења, нагласувајќи дека буџетот е ликвиден и дека нема простор за паника.

(Фото): Стартува авиолинијата Скопје – Прага, се враќа и линијата за Келн

Бенефити за граѓаните, бизнис секторот и туристичката индустрија се очекувањата од новата директна авиолинија Скопје-Прага на која од денеска сообраќа нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“. Ќе има летови секој понеделник, среда и петок. Во мрежата на дестинации на скопскиот аеродром од вечер дел ќе биде и рутата за Келн, со четири лета неделно на „Виз ер“, секој понеделник, среда, петок и недела.

To top