
Во голема рација на имиграциската полиција во фабрика на Хјундаи во Џорџија, САД, беа приведени 475 имигранти за кои се сомнева дека нелегално живеат и работат во земјата, изјави висок функционер од Министерството за внатрешна безбедност за Си-Би-Ес Њуз.
Рацијата беше насочена кон еден од најголемите производствени погони во Џорџија, кој гувернерот и други официјални лица го опишаа како најзначајниот проект за економски развој во историјата на државата. Hyundai Motor Group, јужнокорејска компанија, започна со производство на електрични возила пред една година во фабрика вредна 7,6 милијарди долари, каде работат околу 1.200 луѓе. Изградбата на соседна фабрика за производство на батерии за електрични возила е привремено запрена.
Министерството за внатрешна безбедност соопшти дека агентите извршиле судски налог за претрес „како дел од тековна кривична истрага за наводни нелегални практики за вработување и други сериозни федерални прекршувања“.
Јужнокорејското Министерство за надворешни работи соопшти дека испраќа службеници на местото на настанот и ја повика американската амбасада во Сеул „да постапува со исклучителна претпазливост за да се заштитат легитимните права и интереси на корејските граѓани“.