Македонија го има најстариот возен парк на Балканот. Просечната старост на возилата изнесува 19,4 години, покажува анализата на „Ал Џезира Балканс“.
Иако бројот на регистрирани возила речиси се удвоил во последните дванаесет години, автомобилите што се движат по македонските патишта остануваат меѓу најстарите во регионот.
Во 2024 година во земјава биле регистрирани речиси 700.000 возила, наспроти околу 350.000 во 2012 година.
Тоа значи дека на секои 1.000 жители има приближно 383 возила. Особено загрижува податокот дека дури 87,9 отсто од возилата се постари од седум години.
За споредба, просечната старост на возилата во Европската Унија изнесува 12,7 години – што значи дека македонскиот возен парк е речиси седум години постар од европскиот просек.
Разликите во регионот се јасни:
- Македонија – 19,4 години
- Косово – 18 години
- Грција – 17,3 години
- Црна Гора – 17,06 години
- Хрватска – 14,63 години
- Словенија – 11,2 години
Интересен е и податокот дека во периодот од 2004 до 2008 година просечната старост на возилата во Македонија изнесувала 15,4 години. Наместо подмладување, возниот парк во меѓувреме дополнително остарел.
Како една од главните причини се посочува масовниот увоз на половни автомобили од Западна Европа, особено од Германија и Италија, додека куповната моќ на граѓаните тешко ги следи цените на новите возила.
Проблемот не е изолиран. Во Босна и Херцеговина речиси 80 отсто од возилата се постари од десет години, а во Бугарија над 75 отсто се постари од 15 години.