
Пишува: Свето Тоевски
На 20 септември 1990 година беа донесени серија амандмани на Уставот на тогашна Социјалистичка Република Македонија во Собранието, меѓу кои и амандманот 58. Со него за првпат беше воведена одредба во еден устав на самостојна и независна Македонија, која се однесуваше на обврската за грижа за македонското малцинство во Грција, Бугарија и другите соседни држави. Но, како директна последица на „Преспанскиот договор“ и „Бугарскиот договор“ на 11 ноември 2019 година Собранието ќе го усвои и амандманот 36 на Уставот. Со ова целосно се избриша амандманот 58 од 1990 година, преточен во членот 49 на Уставот, и македонската држава се откажа од грижата за македонските национални малцинства во Грција, Бугарија и другите соседни балкански држави.
Додека Македонија продолжува и натаму во формална смисла, од уставно-правен аспект, да биде „слепа“ за деловите на македонскиот народ, кои живеат како национално угнетени, дискриминирани и непризнати национални малцинства во некои од соседните балкански држави, тие исти држави во своите устави како висок приоритет ја нагласуваат грижата за припадниците на своите народи, кои живеат надвор во други држави, „во согласност со принципите на меѓународното право и меѓународните договори, која ќе ги штити нивните права и легитимни интереси“. Зошто македонскиот устав да нема, да не смее да има ваква одредба, поради влијаењето на идентитетски геноцидните „Преспански“ и „Бугарски договор“?! Зошто да нема и Македонија легитимно право да се грижи за Македонците во другите држави во Балканот, зарем за неа како држава не важат принципите и нормите на меѓународното право?!
Во суштина и од правна гледна точка, не содржејќи обврска за грижа за Македонците во околните држави, сегашниот устав на Македонија е во судир не само со нормите и принципите на меѓународното право, туку и со уставната пракса во повеќе држави од Балканот и пошироко од Европа. Токму ова мора да се промени и да регулира во уставот: Македонците од околните држави како тамошни малцинства да се „внесат“ во уставот на матичната држава Македонија, а не да се ставало во неговата преамбула имагинарното, непостојно „бугарско малцинство“, дури и како „државотворен бугарски народ во Македонија“!
Во Уставот треба да се врати грижата за Македонците од соседните држави, а не да се ставаат „државотворните Бугари“ и со нив великобугарската агенда на официјална Софија за распад на Македонија! Со враќањето на македонските малцинства од балканските држави во уставот на Македонија барем формално и нетериторијално ќе се обедини живото ткиво на македонскиот народ, распарчено со Букурешкиот договор од 1913 година. Ќе се воспостави барем во уставна смисла целината на македонскиот национален корпус.
Ќе појасниме зошто констатираме дека во поглед на грижата за деловите на македонскиот народ, кои живеат како национални малцинства во соседните држави постојниот устав на Македонија е во остар судир не само со нормите и принципите на меѓународното право, туку и со уставната пракса во повеќе држави од Балканот и пошироко од Европа. Во овој контекст донесуваме споредбена анализа на уставите на Грција, Бугарија, и Албанија, како и анализа на принципите, нормите и препораките на соодветните меѓународни конвенции на ООН и на Советот на Европа за правата на националните малцинства и обврската на односните држави да ги почитуваат тие малцински права.
Уставот на Грција не говори стриктно за „грижа и заштита на грчки национални малцинства“ во други држави, но во член 108 го нагласува „одржувањето на врските на Грците во странство со Татковината“ и за таа цел пропишува формирање „Светски совет за Грците во странство“. Грчкиот закон број 4728/21 (А’ 31) од 2021 година ги дефинира и ги прецизира улогата, целите и активностите на Светскиот совет на Грците во странство. „Мисијата на Светскиот совет на Грците во странство како советодавно тело на грчката држава е да им се даде глас на сите грчки сили ширум светот…. Целите на овој Совет се главно: а) познавањето, зачувувањето и промоцијата на грчкиот јазик, грчката култура и филхеленизмот (грчкољубието – заб.прев.) … в) зајакнувањето и отвореноста на националниот и културниот идентитет на хеленизмот, г) цементирање на врските меѓу Грците во светот, имено односите меѓу и дијаспората и иселениците, како и со татковината….“ – пишува во споменатиот закон за Светскиот совет на Грците во странство.
Значи, грчката држава со устав и закон ги „цементира врските на Грците со татковината“, а преку „Преспанскиот договор“ со „атомска бомба“ ги растури врските на Македонците, кои живеат во Егејска Македонија, во Северна Грција, со татковината Македонија. Грција со устав и закон им „дава глас на сите грчки сили ширум светот“, а повеќе од еден век жестоко го замолкнува гласот на целосно непризнатото, дискриминирано но не и исцело асимилирано македонско малцинство на нејзината територија, изложено и на етничко чистење и страотен геноцид пред Букурешкиот договор од 1913 година, како и во годините и децениите потоа. Грција со устав и закон се грижи за „познавањето и зачувувањето на грчкиот јазик, грчката култура и грчкољубието“, за „зајакнувањето на националниот и културниот идентитет на хеленизмот“ (читај: на Грците).
Од друга страна, Грција повеќе од еден век се обидува да ги уништи македонската етничка засебност и македонскиот национален и културен идентитет на својата територија, а македонскиот јазик го прогласува како „идиом“, како нешто што поправо и не постои. Со „Преспанскиот договор“ Грција елиминира каква било можност Македонија со свој устав и закон да се грижи, согласно со меѓународните принципи и норми, за правата, идентитетот и јазикот на Македонците во Егејска Македонија, секако на начин и кој не би претставувал мешање во внатрешните работи на грчката држава.
Грција со Преспанскиот договор не само што „стана сопственик на името Македонија“, туку и, кажано со нивниот уставен и законски речник, ја „зацементира“ „невидливоста“ на Македонците на својата територија, а Македонците ги прогласи како „северномакедонци“ во сопствената татковина Македонија, која се преименува како „Северна Македонија“. „Групата за малцински прашања“ („Minority Rights Group“) со седиште во Лондон, во Велика Британија, искажува невидено остри обвинувања дека етничкото македонско малцинство во Грција ниту се признава дека воопшто постои, ниту оти има какви било малцински права, поради „силниот отпор на грчката влада, на грчките националисти и етничкото грчко население како целина“!
„Терминот ‘Македонија’ стана чувствително прашање за Грција, поради етничкото македонско население во северна Грција. Уште од 1913 година грчката држава се обидува да го асимилира тоа македонско малцинство. Македонското малцинство ги обнови барањата да му се додели статус на малцинство. Грчката влада продолжува да не го признава и македонскиот јазик, што го зборуваат лицата во северозападниот дел на земјата, нарекувајќи го ‘идиом’. Македонските говорители инсистираат на употреба на терминот ‘македонски’, за да го опишат својот јазик. Но, терминот ‘говорители на македонски јазик’ предизвикува силен отпор од грчките националисти и од етничкото грчко население како целина.“ – наведува „Групата за малцински прашања“ во својот извештај со наслов „Македонците во Грција“, објавен во септември 2018 година, кој и денес стои на нејзината интернет-страница.
Овие ставови на „Групата за малцински прашања“, имаат дотолку поголема меѓународна и политичка тежина, со оглед дека се тоа непосредни согледувања од „теренот“ на оваа една од водечките светски невладини организации за правата на националните, религиозни и јазични малцинства, како и за правата на домородните народи ширум светот. Во споменатиот нејзин извештај се заклучува: „Иако разни тела за човекови права силно ѝ препорачаа на грчката држава да преземе мерки за признавање и заштита на јазичните права на населението, што зборува македонски јазик во Грција, грчката влада продолжува да ги игнорира таквите совети.“
Сево ова што го изнесовме претставува силни аргументи не само да се врати грижата за Македонците во Грција во уставот како императивна обврска за нивната матична татковина Македонија, туку и за колку е можно поскорешно поништување на Преспанскиот договор.
(Оваа анализа е надоврзување на нејзиниот прв дел „Во Уставот треба да се врати грижата за Македонците од соседните држави, а не да се ставаат „државотворни Бугари’, а со нив и агенда за распад на Македонија!“)
(продолжува)
(Авторот изнесува согледувања од сопствена политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Согледувањата на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“)