Македонија

Запленети повеќе од 1,5 тон небезбедни ореви и кикирики

Против лицето затекнато при контрола поведена е прекршочна постапка и му била изречена глоба од 600 евра во денарска противвредност

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, заплениле вкупно 1 641 килограм небезбедна храна од возило на подрачјето на Чучер-Сандево.

Вонредниот инспекциски надзор е спроведен по добиена пријава, а во него се пронајдени големи количини храна со непознато потекло и без соодветна документација.

Од АХВ велат дека во возилото биле пронајдени 1 060 килограми кршени ореви, во рефус состојба и 581 килограм кикирики во зачинета обвивка исто така во рефус состојба.

Пронајдените производи биле без идентификација и без потребни информации за потрошувачите.

Во истата пратка биле пронајдени и 900 килограми индиски ореви со декларација.

Поради тоа што производите биле без соодветна документација за потекло и квалитет, од АХВ велат дека истите се прогласени за небезбедни и ќе бидат нештетно уништени, согласно Законот за безбедност на храна.

Против лицето затекнато при контролата, од Агенцијата велат дека е поведена прекршочна постапка за пуштање во промет на небезбедна храна, пуштање во промет на храна од страна на нерегистриран оператор и за немање на потребни информации за потрошувачите.

На сторителот му била изречена глоба од 600 евра во денарска противвредност.

Од АХВ најавуваат дека ќе продолжат со спроведување на засилени контроли на терен со цел спречување на пласман на небезбедна храна и заштита на здравјето на потрошувачите.

Најнови вести од: Македонија

Над 1000 повици за паднати дрвја и летнати кровови пријавени во ЦУК по невремето во Скопје

Повеќе од 1.000 повици од граѓани се евидентирани на Единствениот број за итни повици 112 по силното невреме проследено со силен ветер што попладнево го зафати Скопје, информира Центарот за управување со кризи

„Визер“ ја крева Македонија повисоко на европското небо, додаде уште еден авион

Скопскиот аеродром добива нов залет со проширувањето на базата на „Визер“, која носи повеќе летови и нови европски дестинации. Порастот на бројот на патници покажува дека воздушниот сообраќај во Македонија влегува во нова фаза на развој. Со седмиот авион, земјава се приближува до целта од четири милиони патници годишно, а придобивките се очекуваат и во туризмот, бизнисот и во економијата.

To top