Колумни

Со уставните амандмани од 16.11.2001 Македонија престана да биде држава на македонскиот народ и се вгради „фабрички дефект“ во политичкиот систем

„Амандманите од ноември 2001 година се сведоштво за ревизијата на асномска Македонија од суверена и унитарна држава во безидентитетна, дезинтегрирана, ‘рамковна’ мултиетничка Македонија. Со ревизијата на Уставот на РМ во 2001 година е маргинализирана улогата на македонскиот народ во конституирањето на Р. Македонија, минимизиран е неговиот конститутивен и државотворен карактер во формирањето на РМ.“ – нагласи академик Катица Ќулафкова на еден научен собир, одржан во Македонската академија на науки и уметности во 2014 година.

Пишува: Свето Тоевски

На 16 ноември 2001 година Собранието на Македонија ги прогласи 15-те амандмани на уставот, кои произлегоа врз основа на Охридскиот рамковен договор од 13 август 2001 година. Амандманите 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13, 14, 15, 16 и 17  станаа составен дел на највисокиот правно-политички акт на Македонија. Овие 15 амандмани на уставот на Македонија од 17 ноември 1991 година означија длабоки и суштински, би се рекло тектонски промени во уставниот поредок и политичкиот систем на државата. Македонија престана да биде национална држава на македонскиот народ. Првпат во историјата на конституционализмот е сменета една преамбула без да се донесе нов устав. Во новата преамбула, наметната со масивната надворешна интервенција на меѓународниот чинител,  беа ревидирани историската меморија  и историската вистина за државотворноста на македонскиот народ, потврдена со одлуките на Првото заседание на АСНОМ од 1944 година. Ноемвриските уставни амандмани од 2001 година „инсталираа“ „фабрички дефект“ во функционирањето на политичкиот систем преку воведувањето на „консензуалната“, „договорна демократија“ главно на „етничките поглавари“ на Македонците и Албанците. Таквата „договорна демократија“ ја претвори Македонија во непрогласена „двонационална држава“ со „отворена перспектива“ наместо унитарна држава да стане и „двокантонална федерација“, или можеби и конфедерација.

Посебно треба да се укаже на последиците од два од споменатите 15 амандмани од 2001 година: од амандманот 4 и амандманот 5. Со четвртиот амандман се смени преамбулата на уставот, а со петтиот амандман практично се воведе двојазичност во Македонија: покрај македонскиот јазик, официјален стана и албанскиот јазик со наведени случаи кога може да се употребува како службен, покрај македонскиот. Во својата научна статија „Дваесет години уставност на Република Македонија низ призма на споредбена анализа во регионите“ од 2011 година проф.д-р Христина Рунчева од Правниот факултет „Јустинијан Први“  од Скопје констатира дека со амандманот 4 се промени националниот карактер на македонската држава. „Граѓаните фигурираат во прамбулата на чело на текстот како конституенси (создавачи ) на македонската држава, македонскиот народ се дефинира како етнос, а националните малцинства од националности се трансформираат во делови од народи.“ – посочи Рунчева.

Говорејќи на 28 ноември 2014 година на тема „Контроверзите на мулти/етничката демократија“ на научниот собир во МАНУ по повод седумдесетгодишнината од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ, академик Катица Ќулафкова ќе истакне дека уставните амандмани од 16 ноември 2001 година претставуваат коренито преустројство на уставот од 1991 година. „Скршнувањето што го направи Македонија во 2001 година е толку радикално, што може да се толкува како повреда на претходните уставни акти и поништување на усвоените аксиоми и идеали на македонскиот народ за своја национална држава … тестаментално формулирани во актите на АСНОМ (2.8.1944) и на Македонското научно и литературно другарство во Санкт  Петербург (1902, 1903). …  Системски е деградиран статусот на македонскиот народ во ‘еден од деловите на народите’, кои ја конституираат РМ, со цел да стане ‘етничка заедница’.“ – предупреди Ќулафкова на научниот собир, што е преточено и во нејзиниот научен труд потоа.

Според неа, со тие ноемвриски амандмани пред 24 години е фалсификувана историската вистина за улогата и правото на македонскиот народ да конституира самостојна држава и да го засили својот суверенитет и идентитет на меѓународен план. „Со ревизијата на ‘Преамбулата’ на Уставот на РМ е направена  ревизија не само на темелниот концепт на државата и на нејзиното уредување туку е ревидирана и приказната за македонскиот народ и за неговата улога во конституирањето на македонската република од 1944. Со ваквата интервенција во уставниот акт за конституирањето на РМ се ревидира историската меморија, историската вистина, се врши коренита ревизија на македонската држава и на нејзиниот идентитет, но и на идентитетот на македонскиот народ.“ – заклучи академик Катица Ќулафкова пред 11 години.

Проф.д-р Лазар Лазаров од Институтот за национална историја од Скопје во 2007 година нагласи со споменатите уставни амандмани и посебно со четвртиот од нив македонскиот народ го изгуби правото на носител на државноста на Република Македонија. Со Охридскиот  рамковен договор и измената на преамбулата на Уставот на Република Македонија од 1991 година македонскиот народ го изгуби правото на носител на државноста во полза на граѓаните. Ваква примена на т.н. ‘консензуална експериментална демократија’ не постои никаде во светот, освен во Република Македонија.“ – напиша Лазаров во својата научна статија „Погледи на создавањето и развојот на македонската државност и уставност со посебен осврт на уставите по Втората светска војна“

„Консензуалната демократија“ има и друго име: „консоцијална демократија“. Тоа значи  „договорна демократија“ врз етнички принцип, во македонскиот случај главно меѓу Македонците и Албанците. Во универзитетскиот учебник „Политички систем“ од 2023 година, заеднички со проф. д-р Јелена Трајковска-Христовска и доц. д-р Марко Кртолица од Правниот факултет „Јустинијан Први“, нивната колешка професорката по уставно право и политички систем д-р Рената Тренеска-Дескоска прецизно укажува каква „консензуална“, односно „консоцијална демократија“ „инсталираа“ „рамковните амандмани“ во македонскиот устав во 2001 година. Но и со какви последици.

„На консоцијалната демократија ѝ се забележува дека е недоволно ефикасна во постигнувањето стабилна и успешна власт, поради тоа прекумерната употреба на вето во одлучувањето од страна на малцинските групи  може да доведе до целосен застој. Опасноста од употребата на правото на вето е можноста од тиранија на малцинството, а тоа право на вето го имаат сите малцински групи. Консоцијативната демократија се смета како опасна, затоа што ја слабее кохезијата во државата, односно води кон внатрешна конфедерализација на системот. Консоцијалната демократија е решение од ‘крајна нужда’ во државите, кои се соочуваат со сериозна опасност од распад по етничките шевови.“ – нагласува Тренеска-Дескоска.

Уште појасно кажано, Охридскиот рамковен договор и од него произлезените уставните амандмани од 16 ноември 2001 година вградија „фабрички дефект“ во уставот и во политичкиот систем: да функционира не на нормален начин како во другите развиени европски и светски држави, туку преку етнички договарања меѓу лидерите (читај: „етничките поглавари“ на Македонците и Албанците, а повремено и на другите етнички заедници. Па кога ќе се закараат за ова, или она етничко право, тогаш ќе „зачкрипи“, или напати и ќе запре, поточно ќе дојде до блокада и парализа во „машинеријата“ на донесување одлуки во државата. Македонија има поради уставните амандмани од 2001 година не само неефикасен политички систем, туку и внатрешен расцеп по етнички линии, со оглед на, како што предупреди професорката Рената Тренеска-Дескоска, „можноста од тиранија на малцинството“ кога тоа ќе го (зло)употребува правото на етничко вето преку принципите на бадинтер во донесувањето политички одлуки од интерес за албанската и другите етнички заедници.

Настојувањето да се попречи „тиранијата на мнозинството“, односно на Македонците, создаде уставно-политички простор за  „забегување“ во другата крајност: „тиранија на малцинството“. А дали ова и се случуваше може секој да извлече свои соодветни заклучоци, посебно анализирајќи го бројот на министри од ДУИ во претходната влада на Заев, Ковачевски и Филипче, но и какви одлуки донесуваше партијата на Али Ахмети. Поради масивната интервенција на меѓународниот фактор во врска со конфликтот во 2001 година, олицетворен во тогашната администрација на САД и во ЕУ, како што забележа професорот Лазаров, Македонија се претвори во „експериментална лабораторија“ за уставни и политички опити со македонскиот народ и неговата држава.

Учествувајќи на 10 декември 2007 година во научната расправа во МАНУ, која се одржа на тема „Еволуција на уставниот систем на Македонија кон усвојување на уставниот Договор на ЕУ“, д-р Гордана Сиљановска-Давкова, тогаш професорка по уставно право и политички систем во Правниот факултет „Јустинијан Први“, истапи во својот научен реферат со констатацијата дека во 2001 година врз македонската држава беше спроведен „рамковен и уставен инженеринг“ во режија на меѓународната заедница.

„Основните решенија на Рамковниот договор беа обликувани така што преставуваа постконфликтна реконструкција на Македонија како слаба држава, во која меѓународните претставници се ‘градители на државата’, (‘state builders’), а граѓаните се ‘локални засегнати страни’ (‘local stateholders’)! Под притисок на сила, во услови кога дел од македонската државна територија беше надвор од контролата на македонските власти, беше сменет Уставот на Република Македонија. Првпат во историјата на конституционализмот е сменета една преамбула без да се донесе нов устав. ‘Меѓународната заедница’ активно учествува во внатрешната политика на Р. Македонија во рамки на градењето на државата, демократијата и мирот. Притоа е реална заканата Македонија да стане ‘држава без душа’  (‘soulles state’).“ – нагласи Гордана Сиљановска-Давкова во излагањето, што се преточи во научниот труд „Глобализацијата, демократијата и македонскиот рамковен и уставен инженеринг“

Во заклучокот Сиљановска-Давкова предупреди уште пред 18 години: „Со Рамковниот договор и со уставните амандмани од 2001 година македонското мултиетничко општество се преобрази во двонационална држава. Очигледен е расцепот меѓу Македонците и Албанците во смисла на два етнички, религиозно и јазично одвоени сегмента, кои речиси никаде не се вкрстуваат освен во општествениот статус. Македонија мора да гради интегративен модел на демократија, наместо консоцијална, ако сака да не ја доживее судбината на Кипар и на Либан, или за да не се соочи со белгискиот синдром.“

Авторот изнесува согледувања од сопствена уставно-политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Согледувањата на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“).

(Нова Македонија“)

Најнови вести од: Колумни

Седум години од „преспанските“ амандмани“ за бришењето на името Македонија, што не успеал никој трајно да го стори, па ниту Грците!

Кога-тогаш ќе дојде времето кога ќе може и кога ќе мора да бидат разурнати и „преспанската пештера“ и „санстефанската пештера“, во кои се фрлени во пранги Македонија и македонскиот идентитет. Тие „пештери“, Македонците мора да ги разурнат и да се разгрне небото, за да блесне на него шеснаесеткракото македонско сонце од Кутлеш, сонцето на македонизмот! Како што во Уставот пред седум години се избришало името Македонија, така ќе треба во време соодветно, во време политички оптимално и од домашен и од меѓународен аспект, да бидат вратени назад името Македонија и придавката „македонски“ во тој највисок правно-политички акт на македонската држава.

Делото на Славко Јаневски како потресно книжевно сведоштво за морничавата игра со македонската национална судбина

Денес се навршуваат 106 години од раѓањето на Славко Јаневски, основоположник на македонската современа литература и автор на првиот роман на македонски јазик – „Село зад седумте јасени“, објавен во 1952 година. Славко Јаневски ѝ припаѓа на првата генерација македонски писатели по војната. Од рана возраст почна да се занимава со литература и сликарство. Овој трагач и истражувач по македонската вистина по шест децении неуморно творештво остави зад себе 15 романи, 11 книги поезија, 6 книги раскази, 8 книги за деца и голем број непубликувани во посебни книги препеви, книжевни и политички есеи и полемики, односно повеќе од 40 книги оригинално книжевно творештво. Јаневски е автор на знаменитата песна „Цветови“ во чест на 12-те млади Македонци, стрелани и масакрирани на 16.6.1943 од бугарската војска кај Ваташа. „Цветови“ останува трајно врежана во македонската национална колективна меморија како моќен поетски симбол на македонската младост и борбата на македонскиот народ за слобода. „Неговото дело беше и остана видовито, пророчко и, истовремено, потресно литературно сведоштво за морничавата игра со македонската национална судбина. Славко Јаневски со своите книги и денес стои како жива стража на духот на оваа земја, како пророк на една неизвесна иднина, во која влегува човечкиот род, како книжевен волшебник, кој ни остави дело, што ја вознесува во големиот свет на светската книжевност литературата на една мала земја, која често сама и осамена, но упорно се пробива со својот дух и творештво на големиот светски мегдан.“ – има кажано академик Георги Старделов во своите сеќавања за Славко Јаневски.

Симон Дракул: Македонија е убавина, што боли, таа е бол, на која сме сме ѝ должни!

На денешен ден се навршуваат 27 години од смртта на Симон Дракул, знаменитиот македонски раскажувач, романсиер, драмски автор,историчар, на човекот, кој нѐ потсетуваше во своите дела и филмски сценарија на историските и судбински премрежја, низ кои од искона минувала расчеречена и страдална Македонија, како наша непрестајна болка, на која ќе ѝ бидеме секогаш должни со своите дела да ја штитиме и да се бориме за неа. На своето родно Лазарополе, но и на својата татковина, овој патриот и книжевен и историски деец за вистината за Македонија им го остави записот, кој е и своевидно прозно завештание, оставено на сите нам, секогаш да го исполнуваме својот индивидуален, личен долг кон татковината и македонската кауза: „Утро во Лазарополе! Тоа е Македонија. Тоа е таа убавина,што боли. Тоа е таа бол, на која сме ѝ должни!“

Ова се опасни времиња – да ги збиеме редовите

Противник сум на параноја и гледање опасност од сите страни, ама во исто време сигурен сум дека не смееме да се однесуваме индиферентно и да се залажуваме со илузии дека сме премногу мали и неважни па со самото тоа и безбедни во вртлогот на промените кои се случуваат на светската сцена

Војдан Чернодрински: Никогаш да не се заборави македонскиот јазик на нашите прадедовци и на кој ќе зборуваат и сите идни поколенија во Македонија!

Македонскиот драматург Војдан Чернодрински среде Софија пред 125 години ја изведе „Македонска крвава свадба“, својата прва драма на македонски јазик, за кој денес таа иста Софија вели дека „не постои“, или дека „е достапен јазик“, или го прикажува со брутални фалсификати како да е „дијалект на бугарскиот јазик“! Премиерно изведена во главниот град на Бугарија во 1900 година, „Македонска крвава свадба“ стана симбол на македонската борба за национална афирмација и културна самобитност на македонскиот народ, но и трајно сведоштво за постоењето и творечките дострели на македонскиот јазик. Војдан Георгиев Чернодрински е првиот македонски драмски автор, во чии дела прозвучува македонскиот јазик. Неговата заложба за почитување на македонскиот јазик ја практикувал и во неговата театарска група.  Сите негови драмски дела обработуваат теми и проблеми од секојдневниот живот на Македонците и борбата за слобода. Со своите патриотски ставови за македонскиот јазик и идентитет здобил големи симпатии кај македонскиот народ. Денес се навршуваат 75 години од смртта на Војдан Поп Георгиев Чернодрински, кој се вложи себеси и своето творештво во служба на македонската кауза, на македонскиот јазик и идентитет.  

To top