Бизнис

Силните домашни економски фундаменти се клучот за јака стабилност и постигнување одржлив раст

Покрај првичните загрижувачки очекувања, светската економија досега покажува релативна отпорност, а трговските текови се приспособуваат побрзо од очекуваното. Ова се одразува и во проекциите за македонската економија, според кои се очекува постепено зајакнување на странската побарувачка и умерено забрзување на извозната активност во 2026 година.

Во услови на зголемена светска неизвесност и променлива економска средина, силните домашни економски фундаменти се клучот за зачувувањето на стабилноста и за постигнувањето одржлив раст. Последните години се одбележани со висока променливост, видлива и преку високите индекси на светската неизвесност, што значително влијае и врз процесите на носење економски одлуки“, истакнува гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, во колумната објавена во едицијата „Топ 100 извозници“.

  • „Високата светска променливост и непредвидливост веќе половина деценија се неизбежен дел од матрицата на одлучување на сите носители на одлуки. Се чини дека единствената константа во овој период е неизвесноста. Ова е видливо и преку квантитативните индекси, на пример индексот на светската неизвесност, којшто се одржува на историски највисоки нивоа. Секако, ова не е важно само за нас како носители на макроекономски одлуки, туку и за приватниот сектор, којшто треба да носи инвестициски одлуки, да одлучува за нови проекти, да дефинира среднорочни бизнис-планови“, посочува гувернерот Славески, којшто се осврнува и на новите трговски политики на САД коишто создадоа дополнителни притисоци врз меѓународната трговија.

Гувернерот додава дека македонската економија не била исклучок во однос на примената на новите мерки.

  • „Иако најавената царина кон нашите производи првично изнесуваше 33%, подоцна таа беше намалена на 15%. Со оглед на ниското учество на извозот кон САД (0,9% во просек во последните пет години, или 1,4% во 2024 година), директните ефекти врз домашната економија се ограничени. Се очекуваат индиректни поголеми влијанија, преку можните последици врз европската економија како наш најзначаен трговски партнер“, нагласува гувернерот, осврнувајќи се на повисоката директна изложеност на извозот на Европската Унија кон американскиот пазар.

Славески исто така додаде и дека покрај првичните загрижувачки очекувања, светската економија досега покажува релативна отпорност, а трговските текови се приспособуваат побрзо од очекуваното. Ова се одразува и во проекциите за македонската економија, според кои се очекува постепено зајакнување на странската побарувачка и умерено забрзување на извозната активност во 2026 година.

  • „За нас, како мала и отворена економија, светските услови се од исклучително значење, но стабилната економска основа претставува важен предуслов за успешно справување со непредвидливите екстерни шокови. Низ овој турбулентен период исполнет со постојани предизвици, Народната банка и натаму ќе биде цврсто посветена на остварувањето на своите цели – одржување на ценовната стабилност на среден рок и задржување на стабилноста на финансискиот систем“, оценува гувернерот Славески во новата едиција на „Топ 100 извозници“.    

Најнови вести од: Бизнис

Главнината од тутунот е откупена – се стимулира тутунопроизводството, рече министерот за земјоделство

Откупот на тутунот од ланската реколта веќе привршува. Откупната кампања се проценува како успешна. И за откупувачите, и за тутунарите, а и за државата. До крајниот откупен рок на 28 февруари, остануваат за откуп уште 10% од вкупно планираните количини. Исплатата се врши во рок од 7 дена од предавањето и досега исплатени се 95,6%, уверува ресорниот министер кој денеска беше во обиколка на неколку откупни компании во прилепско.

Азески: За минимална плата треба да се разговара и да се дојде до најдоброто решение

Секој треба да си понесе дел од својата одговорност. Само така може да се постигне ефикасен економско-социјален дијалог. Ние сакаме работниците да имаат поголеми плати, работодавачите да остваруваат поголеми профити од државата, потенцира претседателот на СКМ Бранко Азески. Во однос на владината одлука да се зголеми квотата на странски работници во Македонија, тој истакна дека ако подолго време образованието не испорачува кадар за потребите на бизнисот, ќе мора да увеземе работна рака.

Храната „ja изеде“ работничката плата, секој месец е сè поскапо – има ли крај на тоа?!

Поскапа за 921 денар е првата годинешна минимална синдикална кошница. Најосновните јануарски потреби на четиричлено семејство чинеле 66.413 денари. Трошоците за храна и пијалаци, кои зафаќаат 36,6 проценти од месечните давачки, достигнале 24.211 денари. Од декемвриските се повисоки за 571 денар. И безмалку сосема се поклопуваат со минималната плата од 24.397 денари.

(Видео): Квалитетот и општествената одговорност се темел на македонскиот раст, вели бизнисменот Бокан

Покрај деловниот ангажман, Бокан е активен и во јавниот и во професионалниот живот. Член е на Управниот одбор на Стопанската комора на Црна Гора, како и на Бизнис-советот на Економскиот факултет при Универзитетот на Црна Гора. Од 2011 година е претседател на кошаркарскиот клуб „Будуќност Воли“, а од јули 2025 година ја извршува функцијата претседател на Кошаркарскиот сојуз на Црна Гора.

Македонија водечка земја во регионот според растот на инвестициите

До компаниите досега стигнаа околу 225 милиони од вкупно 250-те милиони евра од унгарскиот кредит, кој би требало сосема да се исцрпи во првото годинешно тримесечје, изјави премиерот Христијан Мицкоски, задоволен од начинот на кој средствата се искористени.

To top