По објавата на expres.mk за скандалот ма Медицинскиот факултет во Штип во кој прво студентите 7 недели имале само едно предавање на предметот Инфективни болести а потоа во саботата предавање незаконски држел српски професор на српски јазик реагира професорот Вело Марковски.
Во став на Марковски кој го пренесува МКД.мк професорот кој пред три месеци заминал во пензија објаснува за системски проблеми на УГД односи штета ќе имаат и студентите но и пациентите кои во случајов ќе немаат абер како да лекуваат инфектолошки болести.
Целиот став на професорот Марковски:
Со неверување од типот дали е можно или е скриена камера, ја примив веста дека навистина во Штип на Универзитетот „Гоце Делчев“ дошол професор да го предава предметот Инфективни болести на студентите по општа медицина од Факултетот за медицински науки.
Мала ретроспектива…
Факултетот за медицински науки при УГД Штип е основан од страна на Парламентот на Република Македонија во 2007 година, а следната 2008-2009 година е започнато со студиите по општа медицина. За кратко време благодарение на бројни професори експерти и признаени како врвни во својата област, како Живко Попов, Андреја Арсовски, Глигор Димитров, Вело Марковски, Васо Талески, Зоран Ханџиски, Нојков, Зафировски… успеавме да создадеме факултет кој вадеше лекари спремни за да се вклучат во здравствениот систем на Македонија. Голем дел од тие лекари денес се успешни матични доктори, специјалисти, доктори на науки… Но паралелно со растењето на факултетот му се додаваа „проблеми“, од типот ајде сега ова е наш професор, па да му дадеме некој предмет на општа медицина. Се додаваа предмети и се стигна до над 80 предмети. Деканот во последните 4-5 години со оправдување дека прави катедри, на некои предмети прими или избра по 15-20 професори. Во исто време почнаа да се запишуваат само на општа медицина по 450 студенти (иако квотата од државата никогаш не била поголема од 80 плус 80 студенти). Најголемиот амфитеатар собира 200 студенти. Проблемот се реши лесно, ќе предаваме он-лајн. Професорите кои укажуваа дека е нерално и не постои болница во светот која може неделно да прими 450 студенти на вежби (50-60 студнти дневно) и дека предавања он-лајн половина студенти не ги слушаат, дека давање на предмети на професори кои не се со соодветна специјалност ќе влијае на квалитеот, веднаш беа ставани на немилост. Им беа земани предмети, нивните канцеларии одеднаш беа испонети со отпад (стар намештај), беа изземани од комисии за одбрани, нивните кандидати за докторски студии не поминуваа. Личните, партиските релации станаа главните критериуми за прием на факултетот и давање на предмети. Големиот број на студенти, големиот број на предмети, големиот број на предмети додадени за да му се исполни желбата да предава на општа медицина на некој од професорите од другите студиски програми (пред сѐ од фармација, речиси на сите професори од фармација им се дадоа по еден или неколку предмети на општа медицина), високиот процент на професори без соодветна специјалност, го намалуваа квалитетот на наставата и создаваа криза на факултетот. Од друга страна трката по профит, огромниот број на примени странски студенти станаа терет кој неминовно го намалуваше критериумот на испитите. Критерумот не можеше да се задржи и поради големиот број на студенти и дадените по 2-3 дена за испит, односно 2-3 дена моравме да испитаме по 150-160 пријавени студенти во сесија. Кризата излезе на виделина со неуспешен избор за декан, поради фамозни дури 7 неважечки ливчиња.
Ете, толку како мало објаснување за проблемот кој настана со предметот инфективни болести. Јас, Вело Марковски на поседните 2-3 седници на Наставо научниот совет на Факултетот за медицински науки на УГД Штип, укажував дека предметот е еден од основните предмети во медицината, дека еден вработен професор со крајни напори предава и испитува по над 800 студенти во годината, дека јас иако законски треба да одам во пензија, спремен сум да продолжам да го држам предметот до наоѓање на соодветно решение. Укажував дека професор кој си има други работни обврски како лекар во некоја болница никако технички не може да ја изврши работата (не со минималниот квалитет). Деканот во заминување, видно нервозен посочи дека ќе најде профсор ако треба од Ниш. Се обидов да разговарам и со управата на универзитетот, таму наидов на видна нервоза, зошто сега ти… не може пензионери… ќе научат… ќе имаат предавања.
Во ред, отидов во пензија, но предавања по предметот инфективни болести нема, односно во 2 месеци (од 3 колку што трае семестарот) само едно воведно предавање. Се прашувам колку треба да бидеш неодгворен, колку треба некого да мразиш, па да оставиш над 600 студенти без предавања. Се прашувам, кој реши и според какви критериуми, со какви претпоставки дека студентите ќе разбираат српски, па ангажирал (молел) професор од Ниш. Дали в.д. деканот проф. Зденка Стојановска или ректорот Дејан Мираковски (го споменувам затоа што при немање на декан, целата одговорност е на ректорот кој по свој избор става вршител на должност декан) се водеа од сопствено искуство и разбирање на српскиот јазик. Дали е законски да се предава на странски јазик. А зошто српски, зошто не некој друг професор кој ќе предава на друг странски јазик, пример бугарски, турски, грчки… Како ќе се одвиваат колоквиумите, на српски, или? А испитот на кој јазик ќе биде, или не мора да има испит? Прашање до министерката за образование проф. д-р Весна Јаневска, дозволивте ли да се предава на српски јазик на државен универзитет, особено што некои од порталите во Македонија укажаа дека е најавено да предаваат профеори од Ниш. Знаете ли министерке по колку студенти се запишуваат по државните универзитети? Знаете ли дека 20-30 % од предметите ги држат професори без соодветна специјалност, неопходна гаранција за квалитетот на медицинските факултети? Ќе одговара ли некој за загубата на стотици години во образованието (кумулативно) на над 280 студенти на општа медицина само од македонската програма, плус англиска програма, плус дентална медицина, медицински лаборанти… Времето на први колоквиуми заврши, како ќе бидат внесени поени од предавања и од прв колоквиум, без овие два неопходни услови ситемот не дозволува да се полага предметот, односно автоматски значи презапишување на предметот на цела генерација. Или ќе го решиме проблемот по „нашки“ ќе им внесеме поени на сите да не губат година, ќе им внесеме технички оценки на сите и така и волкот сит и овците на број. Но ручекот на крај некој мора да го плати, ќе го плати некој пациент после 2-3 години, ќе се чудиме како е можно да се вадат здрави органи, да имаме најголема смртност на новороденчиња во Европа… Дотогаш ќе ги учиме студентите српски, ќе ги учиме за храна и диета.
Мене не ми е сеедно што се случува со предметот кој со исклучителна посветеност го предавав, не смее да им биде сеедно на стотина лекари кои завршиле на УГД, не смее да им биде сеедно на ректорот, деканот, Сенатот на УГД, не смее да им биде се едно на институциите, а особено не смее да му биде сеедно на министерот за образование и наука.
На крај, се прашувам, ако нашите професори (ако некој толку го мрази Вело Марковски покрај него има уште неколку професори инфектолози во пензија) „не чинат“, па молиме професори од Ниш, зошто пак не замолиме и декан да ни пратат од Ниш или околина, а зошто да не и ректор или министер? Како во старите добри времиња, како што ќе каже поголемиот брат. Се надевам дека пак името на професорот Александар Ранковиќ е само совпаѓања поради честото презиме кај нашите соседи, и нема некое лошо предзначење или најава на некои нови процеси.
Проф д-р Вело Марковски
Линк до текстот за скандалот на УГД ОВДЕ