
По речиси 57 години падна најстариот државен рекорд на Македонија во атлетика, за што се погрижи Огнен Стефановски во скок со стап на Европското екипно првенство трета дивизија во Марибор.
Дваесетгодишниот македонски репрезентативец прескокна 4,05 метри уште во првиот обид и за 15 сантиметри го подобри досегашниот најдобар резултат во оваа дисциплина на Владимир Карер поставен на 15 август 1968 година во Ливорно!
Стефановски, кој го подобри личниот рекорд за 25 сантиметри, потоа имаше два неуспешни обида на 4,15 м и тука го заврши натпреварувањето.
Неговиот резултат беше доволен за шестото место во конкуренција на 11 учесници.
Рекордниот скок на Стефановски овековечен и во видеото на Европска атлетика на линкот.