Големата надеж на македонскиот фудбал Матеј Гаштаров вели дека не чувствува притисок и ќе ужива во утрешниот реванш со Шкотска од 20:45 часот на „Хемпден парк“ во Глазгов во Лигата на нациите.
„„Кога го носиме дресот на Македонија, мислам дека не треба да бараме посебна мотивација, затоа што самото тоа што сме во А-репрезентацијата ја носи мотивацијата. Играме против голема Шкотска, која има квалитетни играчи, но и ние имаме свои имиња кои се во многу добра форма. Ќе излеземе на теренот да дадеме сè од себе и да уживаме.
За мене, во дваесет дена ми се смени целиот живот и ова е нешто ново. Гледам кога ќе излезам на теренот да уживам. Играв против многу големи играчи и големи репрезентации, немам притисок и гледам да уживам во моментот“, изјави Гаштаров.
Деветнаесетгодишниот дефанзивен играч за врска го сврте вниманието со игрите за Црвена звезда сезонава, кои му ги донесоа првите четири настапи за сениорската репрезентација на Македонија.