Министерството за финансии објави дека граѓаните можат да се запишат за новата, трета емисија граѓански обврзници во сите деловни банки низ земјата. Запишувањето се прави директно во филијалите, без дополнителни процедури или посебни услови.
Рокот за пријавување е до 10 декември 2025 година, а минималниот износ за вложување е 10.000 денари, односно вредноста на една обврзница. Проспектот предвидува емисија во вкупна вредност од 100 милиони денари.
Овие обврзници се издадени со рок на доспевање од две години, а каматната стапка изнесува 4,5% годишно. Првата исплата на камата ќе се изврши на 19 декември 2026 година, додека обврзницата целосно доспева – заедно со втората камата – на 19 декември 2027 година.
Од Министерството напоменуваат дека со оваа емисија продолжуваат да им нудат на граѓаните сигурна можност за заштеда, преку инструмент што е директно поддржан од државата.