Македонија

Муцунски: Нашето место е во ЕУ, бараме решение за блокадата од Бугарија, што нема да ги загрози националните интереси

„Во моментов веќе има низа закони во собраниска процедура, насочени кон борбата против корупцијата, зајакнување на владеењето на правото и реформата на правосудството, како и други законски и подзаконски акти, поврзани со реформската агенда, чие донесување е поздравено од Европската Унија.“ – истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија Тимчо Муцунски, како дел од делегацијата, предводена од претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски, која вчера и денес престојува во работна посета на Брисел.

Во рамки на посетата во Брисел се очекува денешниот самит да биде значајна можност за потврда на стратегиската определба на Европската Унија за проширување кон Западен Балкан – порака која е добредојдена и испраќа позитивен сигнал до целиот регион. Муцунски најави дека претседателот на Владата Христијан Мицкоски заедно со лидерите од регионот и претставниците на Европската Унија ќе разговараат за низа конкретни иницијативи во рамки на постепената евроинтеграција. Притоа, тој ги посочи приклучувањето кон СЕПА, партнерството за безбедност и одбрана, иницијативата за укинување на роамингот и други слични проекти, преку кои граѓаните директно ги чувствуваат придобивките од европскиот процес. Во изјава за националниот сервис, министерот Муцунски истакна дека, според оценките на Европската Унија, Владата по завршувањето на локалните избори покажала сериозна посветеност во спроведувањето на клучните реформи од реформската агенда.

Тој додаде дека позитивни оценки за Владата од страна на ЕУ се добиени и во областа на економијата и образованието, при што највисоката оценка е забележана во делот на надворешната политика, односно усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата. „Нашето место е во Брисел, како полноправна членка на Европската Унија. Жално е што во изминатите години се соочуваме со билатерални блокади.“ – нагласи Муцунски, најавувајќи дека ова прашање ќе биде дел од дискусиите. Тој нагласи дека Владата ќе продолжи насочено да работи на техничкото усогласување и исполнувањето на потребните критериуми, но истовремено ја нагласи важноста, заедно со земјите-членки на ЕУ, да се изнајде начин за надминување на билатералните пречки, кои постојат. 

„Жалам што во последните недели не гледаме доволно добра волја за возврат, и покрај реформските процеси што ги спроведуваме и кои се препознаени и во Брисел и од страна на земјите-членки. Ние ќе продолжиме по нашиот пат – со фокус на домашните реформи, а во однос на билатералните прашања ќе бараме рационално решение кое нема да ги загрози националните интереси“, изјави Муцунски.

Говорејќи за реформите, тој нагласи дека нивните ефекти најдиректно ги чувствуваат граѓаните, посочувајќи дека државата е меѓу првите во регионот во спроведувањето на дел од европските политики. „Ако постои добра волја и доверба, не постои прашање за кое не може да се најде решение. Во последно време чувствуваме недостиг од добра волја од страна на Софија. Земјите-членки го следат ставот, што доаѓа оттаму и очекуваме нивна поддршка во изнаоѓањето решение.“ – заклучи Муцунски.

Македонска информативна агенција – МИА

Најнови вести од: Македонија

(Фото): Поповолна бизнис-клима, стабилен раст и подобар стандард за граѓаните во 2026, очекува Силјановска-Давкова

Живееме во време на глобални геополитички и економски предизвици. Периодот на закрепнување по ковид-пандемијата, инфлациските притисоци и енергетската криза оставија длабоки траги врз економиите низ светот, а нивното влијание не не одмина и нас. Како дел од регионалниот, европскиот и глобалниот пазар, македонското стопанство е изложено на овие турбуленции, вели претседателката.

Најнови вести

To top