Македонија

Арифи од АА на Фетаи: Опасната предизборна поддршка на амбасадорот Мејдани и премиерот Рама за ДУИ е и мешање во внатрешните работи на Македонија!

„Во пресрет на локалните избори во Mакедонија, кога политичката клима е вжештена и секој гест добива голема симболична тежина, амбасадорот на Албанија во Скопјe Денион Мејдани одлучи да ги премине границите на однесувањето на одговорен дипломат. Наместо да го задржи воздржаниот и врамнотежен став, што го бара неговата позиција, амбасадорот отворено се постави во корист […]

Во пресрет на локалните избори во Mакедонија, кога политичката клима е вжештена и секој гест добива голема симболична тежина, амбасадорот на Албанија во Скопјe Денион Мејдани одлучи да ги премине границите на однесувањето на одговорен дипломат. Наместо да го задржи воздржаниот и врамнотежен став, што го бара неговата позиција, амбасадорот отворено се постави во корист на Демократската унија за интеграција, станувајќи алатка на нејзината предизборна пропаганда. – објави Латиф Арифи, член на Претседателството на Алијансата за Албанците на крилото на Арбен Фетаи. Јавното истапување на Арифи со наслов „Кога амбасадорот станува гласноговорник на една партија“, го објави информативниот портал на албански јазик „Фол“.

Натаму Арифи истакнува: „Најновиот случај, што го докажува ова, е неговата интервенција во прашањето за училиштето во Нерово, кај Крушево – многу чувствителна тема за жителите, за законитоста и за нивната иднина. Познато е дека новата зграда е изградена без соодветна документација на државен имот, што доведе до судир меѓу волјата за помош на децата и потребата да се почитуваат законите и минималните безбедносни стандарди.“

„Откако владата на Македонија го реши ова болно прашање со институционална одлука, беше сосема неприфатливо функционери на ДУИ како Муса Џафери и локалната структура на оваа партија да изведат ‘приказна на благодарност’, срамно вклучувајќи го и албанскиот амбасадор, кој немаше никаков реален придонес, ниту финансиски ниту институционален, во овој проект. Отсуството на каков било документ, што ја покажува вмешаноста на албанската амбасада во изградбата, или легализацијата на училиштето, ѝ дава на оваа интервенција тежок призвук на манипулација.“

„Ова не е прв инцидент. Случајот во Скопската чаршија, каде што амбасадорот Мејдани, заедно со неговиот владин шеф Еди Рама, дадоа сигнали за директна поддршка на структурите на ДУИ, беше уште еден опасен преседан. Ова однесување не е само недостаток на професионализам, туку е и мешање во внатрешните работи на друга држава, неприфатливо за кој било дипломатски претставник.“

„Опасноста, што се крие зад оваа постапка, е уште поголема. ДУИ го следи познато сценарио: да го притисне амбасадорот да ги пречекори своите овластувања, а потоа да се саможртвува, ако реагираат локалните власти, продавајќи се како ‘жртва на противалбанската македонска држава’. Ниска игра, на сметка на толку сериозно прашање како што се образованието и безбедноста на децата.“

„Време е амбасадорот Мејдани и неговите шефови во Тирана да размислат. Албанскиот амбасадор не е тука, за да ја поддржи ДУИ, туку да ги претставува интересите на Албанците како целина, без партиски разлики, без вклучување во изборни натпревари и без да се претвора во алатка на кој било политички клан.“

„На Албанците од Македонија им се потребни институции, што ги штитат и што ги претставуваат достојно, а не дипломати, кои стануваат дел од валкани изборни игри.“ – наведе Латиф Арифи во својата реакција кон албанскиот амбасадор Денион Мејдани во Република Македонија и кон премиерот на Албанија Еди Рама.

To top