Македонија

Турчинот Кадир Кара осуден на 17 години затвор за убиството во Штип

Tурскиот државјанин Кадир Кара е осуден на 17 години затвор за убиството на турски студент во кафуле на плоштадот во Штип. Кара ја призна вината, додека судењето за четворицата обвинети за помагање продолжува во Основниот суд во Штип.

Кара, роден во 2003 година, доби и мерка протерување од државата по отслужувањето на затворската казна, за убиството извршено на 8 мај годинава. Тој ја призна вината и за убиството и за неовластеното држење оружје на рочиштето одржано на 19 декември минатата година, по што судот му ја изрече казната. Притворот му е продолжен до почетокот на издржувањето на затворската казна.

Судот информира дека постапката против уште четворица обвинети, кои се товарат за помагање при извршување на убиството, продолжува. Денеска беа изведени докази, а следното рочиште е закажано за 20 јануари во Основниот суд во Штип.

Според истрагата, групата обвинети преку криминални канали набавила пиштол во Скопје, на кој бил избришан серискиот број. Кара по доаѓањето во Македонија бил сместен во стан во комплексот Џевахир Сити во Скопје, со помош на други турски државјани со регулиран престој во земјава.

На денот на убиството, околу 18:30 часот, тројца од обвинетите го превезле Кара со автомобил од Скопје до Штип. Претходно, преку „Instagram“ и „WhatsApp“, тој договорил средба со жртвата во „Вами кафе“ на штипскиот плоштад. По кратко задржување, Кара се упатил кон тоалетот, по што се вратил со изваден пиштол и испукал шест куршуми кон студентот.

Тешко ранетиот 25-годишник, исто така турски државјанин, бил пренесен во Клиничката болница во Штип, каде што починал од хеморагичен шок, односно обилно крварење.

По убиството, групата се обидела да ја избегне полициската потрага, па повикале женско лице, студентка на трета година по медицина во Штип, да ги превезе назад за Скопје. Таа, иако знаела дека е извршено убиство, прифатила да помогне.

Околу 21:30 часот, по барање на еден од обвинетите, студент на дентална медицина, жената со својот автомобил ги презела тројцата помагачи на паркинг во Штип, а потоа и Кара во центарот на градот, со цел сите да бидат однесени во Скопје.

Кога се приближиле до наплатната станица „Миладиновци“ и забележале полициско присуство, возилото запрело околу 300 метри пред рампата, за да му овозможи на Кара да избега. Сепак, полицијата ги запрела и уапсила тројцата обвинети помагачи, а набргу бил лоциран и приведен и самиот извршител на убиството. Оружјето со кое било извршено убиството било пронајдено и одземено

Најнови вести од: Македонија

Почна протокот на нафта од Солун кон Скопје – Ќе има ли од први февруари поевтин дизел?!

По повеќе од една деценија тишина, енергетската артерија меѓу Грција и Македонија повторно проработе. На последниот ден од годината официјално беше ставен во функција нафтоводот Солун – Скопје, со што се означи ново поглавје во регионалното снабдување со нафтени деривати и енергетската соработка меѓу двете земји.

Анализа: Високи казни за граѓаните и фирмите до 4.000 евра предлага новиот закон за заштита од пушење

Дали новите правила на игра и построгите мерки ќе го заштитат здравјето или ќе го загрозат бизнисот, останува да видиме. Надлежните уверуваат дека стравовите од затворање кафулиња и локали се неосновани и дека станува збор за европски, а не рестриктивен закон, чија цел не е казнување, туку превенција и заштита на јавното здравје. Новиот закон за заштита пушењето кој се очекува да стапи во сила од 1 март.

Започна Вевчанскиот карневал: на сцена маските, сатирата, зетот, невестата, двата ѓавола и Глупавиот Август

Маскирани, вевчанци, на сатиричен начин, зачувувајќи ја речиси 15-вековната традиција, ги прикажувaат случувањата од изминатата година во јавниот и политичкиот живот во Македонија и во светот.

To top