Македонија

Построги казни, одземање возила и конфискација имот: што се менува во Кривичниот законик

Заврши примената на скандалозните измени на КЗ од 2023-та

Со измените и дополнувањата на Кривичниот законик се предвидува значително заострување на казнената политика, проширување на можностите за конфискација на имот, воведување нови кривични дела и построги санкции за сообраќајни, коруптивни и организирани криминални дејствија. Дел од одредбите ќе започнат да се применуваат од 1 февруари 2026 година, додека останатите осмиот ден од објавувањето во „Службен весник“.

Со законските измени се проширува институтот на проширена конфискација, при што судот ќе може да конфискува имот стекнат до пет години пред извршувањето на кривичното дело, доколку утврди дека истиот ги надминува законските приходи на сторителот. Оваа мерка ќе се применува за тешки кривични дела, дела против службената должност, јавните финансии, имотот, здравјето, половата слобода, како и за дела сторени во рамки на злосторничко здружение.

Со измените се воведува ново кривично дело – злоупотреба на туѓа снимка, фотографија, аудио запис или спис со сексуално-експлицитна содржина. За неовластено споделување, изработка, измена или закана со вакви содржини се предвидува затворска казна од една до пет години, а во потешки случаи и до осум години. Доколку делото е сторено врз дете, казната се движи од три до десет години затвор, а за службено лице се предвидуваат уште построги санкции. Материјалите и уредите со кои е извршено делото задолжително се одземаат.

Во делот на сообраќајот се заоструваат санкциите за безобѕирно управување со моторно возило. Возење под дејство на алкохол над 1,5 промили, дрога, екстремно пречекорување на брзината, возење во спротивна насока или организирање и учество во нелегални трки ќе се казнува со затвор од три месеци до три години, задолжителна парична казна и забрана за управување со моторно возило од шест месеци до десет години. Дополнително, се предвидува можност, а во одредени случаи и обврска, за одземање на возилото со кое е сторено делото, вклучително и при повторување на тешки сообраќајни прекршоци.

Измените опфаќаат и заострување на одговорноста за злоупотреба на службената положба и овластување. За основниот облик на делото се предвидува затвор од шест месеци до три години, а за случаи со поголема или значителна имотна корист или штета, казните се движат до осум години затвор. Посебно се санкционира незаконско спроведување или изменување на постапки за јавни набавки, при што во случаи со имотна корист или штета од големи размери се предвидува затвор од четири до десет години.

Промени се прават и кај кривичните дела поврзани со судир на интереси, несовесно вршење дискреционо овластување и пропуштање должен надзор, со зголемени казни во зависност од тежината на последиците. Дополнително, се прецизираат и заоструваат одредбите за организирање и учество во криминални групи и банди, со казни до осум години затвор за организаторите и со можност за ослободување од казна за припадник кој ќе ја открие групата пред извршување на кривично дело.

Со измените се проширува и кривичната одговорност за експлоатација на деца, особено во случаи кога родител, старател или друго лице од користољубие го изложува детето на питачење. Во најтешките случаи, кога ќе настане тешка телесна повреда, сериозно нарушување на здравјето или асоцијално однесување, се предвидува казна затвор од најмалку десет години.

Измените на Кривичниот законик се изгласани од Собранието без поддршка од опозицијата.

Најнови вести од: Македонија

Меџити: Сите ќе се навикнат на „Безбеден град и ќе се види ефектот – спасени човечки животи!

Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити  во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 истакна дека со текот на времето сите ќе се навикнат на системот „Безбеден град“. Како што изјави, можно е во иднина, кога ќе се нормализира возењето, мерките да се ублажат.

Викендов на Попова Шапка Алпски куп на најмладите скијачи од Македонија!

По повеќе децении, името на легендарниот скијач Диме Јовановски – Флејта повторно оживува на Попова Шапка. Клубот кој го носи неговото име, а некогаш функционирал и како ски-училиште, повторно е активен и е интегриран во Скијачката Федерација на Македонија. На 31 јануари и 1 февруари 2026 година, Скијачкиот клуб „Диме Флејта“ од Тетово ќе биде домаќин на натпревари за најмладите скијачи од државата. Настанот има за цел да ги собере децата и да ја промовира скијачката култура меѓу најмладите генерации.

Бојковска: Новиот Кривичен закон за гонење на на корупцијата и високиот криминал ќе биде донесен до јуни годинава!

Драгана Бојковска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ,  во емисијата ,,Само вистина“ на ТВ Канал 5 се осврна на измената на Кривичниот законик, изгласана денес во Собранието, нагласувајќи дека се подготвува и нов Кривичен закон, за кој веќе има нацрт-верзија.

Казнети 60 граѓани во Скопје со по 50 евра, фрлале ѓубре по 22 часот!

Пред неколку месеци во Скопје е воведена забраната за фрлање ѓубре во вечерните часови до 6 часот наутро. Заврши периодот на предупредувања и приспособувања на новата мерка за зголемување на комуналната хигиена во македонската метропола. Комуналните инспектори на Град Скопје им изрекоа казна на првите 60 несовесни граѓани во износ од 50 евра во денарска противвредност.

ОЈО Скопје отвори предмет по допрен глас за тврдењата на Жан Митрев за притисок од Заев и Филипче да им ја продаде клиниката

Основното јавно обвинителство од Скопје отвори предмет по допрен глас за тврдењата на Жан Митрев за притисок од поранешниот премиер Зоран Заев и поранешниот министер за здравство и сегашен лидер на СДСМ Венко Филипче. Филипче ги отфрли обвинувањата и најави дека ќе поднесе тужба против Митрев поради, како што наведе, „невистинити и штетни тврдења“.

Протест на ССМ со барања за минимална плата од 600 евра и зголемување на сите плати за 6.000 денари

Сојузот на синдикати на Македонија одржа протест пред Работничкиот дом, Собранието, Сојузот на стопанските комори и Владата, барајќи итно зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите плати за најмалку 6.000 денари

Најнови вести

To top