Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервју за Радио Слободна Европа остро го критикуваше актуелниот пристап на владата на ВМРО-ДПМНЕ кон минималната плата и животниот стандард на граѓаните, истакнувајќи дека за време на владеењето на СДСМ постоел континуиран и системски раст на платите, додека сегашната влада го прекинала тој процес и го замрзнала растот на 400 евра.
„Ние повеќе од 100 отсто ја зголемивме минималната плата, минималната плата да потсетам беше 150 евра. Значи имаше континуиран процес на раст. Оваа влада го запре растот на минималната плата на 400 евра. И тоа е факт. Се гледа дека нашите политики не се лицемерни, туку се конзистентни“, рече Филипче.
Тој потсети дека СДСМ и по преминувањето во опозиција продолжил да се бори за повисоки плати преку поднесување законски предлози, вклучително и актуелниот предлог-закон за минимална плата од 600 евра.
„Во 2024 година поднесовме исто така закон да се зголеми минималната плата, која што оваа власт го одби. Ај да видиме сега што ќе прават со законот којшто го поднесовме во Собранието. Легитимни се барањата на работниците, луѓето не може крај со крај да врзат“, додаде тој.
Филипче нагласи дека сегашните приходи на граѓаните не се доволни ниту за основните трошоци, а камоли за нормален живот.
„Ниту две, ниту три плати не се доволни за покривање на минималната синдикална кошничка. Третина оди за храна, пијалок, струјата поскапе, сметките секаде ги поскапуваат градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ. Неколкукратно има раст на комуналните трошоци. Каде се другите трошоци за образование на деца? Тоа се реални потреби на работниците. Не може оваа влада да затвора очи и туку така да ги игнорира, додека премиерот кажува колку ќе се трошело струја во регионот во следните сто години“, рече Филипче.
Тој ја истакна разликата во политиките:
„Во контекст на овие актуелни случувања со протестите на Сојузот на синдикати, ВМРО-ДПМНЕ исто така ги поддржуваше кога беше во опозиција. Зошто кога беа во опозиција ги поддржуваа тие протести, и за зголемување на платите, иако тогаш имаше континуирано зголемување на платите, бидејќи нашата влада тоа го правеше. Сега кога имаат механизми и можност тоа да го направат, тоа не го прават. Тоа значи дека нивните политики се лицемерни, нашите се конзистентни“.