Националниот историски музеј (НИМ) се повикува на клаузула за доверливост и на противењето на грчката страна за обелоденување на информациите, додека пак Владата тврди дека не ги поседува бараните податоци – иако токму таа го одобрила договорот, пишуваат бугарски медиуми.
Ова го објави платформата Factcheck.bg, која ги побара информациите согласно Законот за пристап до јавни информации и има намера да го оспори одбивањето пред суд.
На 29 септември, Бугарија и Грција потпишаа меморандум за заемно предавање на историски реликвии заради нивно чување.
Според официјално објавеното, Бугарија ги доби посмртните останки за кои се верува дека му припаѓаат на цар Самоил, додека грчката страна доби 53 предмети – заведени под 48 инвентарни броеви во Националниот историски музеј.
Посмртните останки на средновековниот бугарски владетел беа пречекани со свечена церемонија во Софија на 3 октомври и сместени во црквата „Света Софија“.
Иако властите го открија бројот на предмети предадени на Грција, целосниот список на тие предмети, како и содржината на меморандумот, остануваат недостапни за јавноста.
Во одговорот до Factcheck.bg, Националниот историски музеј наведува дека обелоденувањето на информациите би влијаело врз интересите на трета страна – Република Грција – која не сака документот да биде јавно достапен.
Музејот дополнително тврди дека не постои јавен интерес што би го оправдал објавувањето на бараните информации.
Уште понеобичен, според Factcheck.bg, е одговорот од Владата – иако таа го одобрила меморандумот, сега тврди дека не ги поседува бараните информации и го препратил барањето до Министерството за надворешни работи.
Овие одбивања доаѓаат и покрај претходните уверувања од министерот за култура, Евтим Милошев, дека нема никакви скриени договори поврзани со спогодбата.
„Сè што треба да се сподели, веќе е споделено со јавноста“, изјави Милошев за БНТ на 6 октомври.
Министерот појасни дека ниту еден од пренесените предмети не потекнува од Охрид, како и дека Грција нема основа да бара враќање на посмртните останки на цар Самоил.
Спогодбата наиде и на критики од бугарски научници, кои во протестно писмо изразија сомнежи во однос на законитоста на размената и прецизната идентификација на некои од артефактите.
Тие побараа да се објави целосниот список на предадените предмети.
Во меѓувреме, предметите пренесени во Грција не се отпишани од инвентарот на Националниот историски музеј и остануваат сопственост на бугарската држава.
Ова сугерира дека спогодбата предвидува предметите да бидат предадени на чување, а не вклучува пренос на сопственоста.
Адвокатот Александар Кашумов, извршен директор на Програмата за пристап до информации, го оценува одбивањето на музејот како неосновано.
Според него, клаузулата за доверливост во рамките на меѓувладин договор сама по себе не претставува правен основ за одбивање пристап до јавни информации.
Кашумов исто така го оспорува аргументот за заштита на интересите на грчката држава, истакнувајќи дека не е прецизирано кој конкретен интерес – заштитен со закон – би бил загрозен со обелоденувањето на списокот.
„Кои артефакти – дефинирани како културни добра според законот – Бугарија ѝ ги предала на Грција, е прашање од значителен јавен интерес“, нагласува адвокатот.
Од Factcheck.bg најавија дека ќе го оспорат одбивањето за давање информации пред суд.
Така, речиси еден месец по свечениот пречек на претпоставените посмртни останки на цар Самоил, едно од клучните прашања поврзани со договорот останува јавно неразјаснето: кои точно културни добра Бугарија ѝ ги предала на Грција и врз која основа деталите за нив се чуваат во тајност.