Новинарката Лиридона Вејсели поднесе жалба до Апелациониот суд против пресудата на Основниот суд во Гостивар, со која е осудена на глоба од 700 евра за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“ – поради тоа што во својот новинарски текст го објавила името и презимето на судијата Назиф Иљази од Основниот суд во Тетово.
„Ова е срамен преседан. Бев казнета само затоа што при професионално и јавно известување го спомнав името и презимето на судијата Назиф Иљази, носител на јавна функција, кој донел одлука за пуштање лице од притвор. Ова не е заштита на правдата, туку директен удар врз слободата на медиумите и јасна порака за заплашување на новинарите. Ако изнесувањето факти и именување одговорни лица се казнува, тогаш оваа држава не ја штити демократијата, туку молкот“, изјави Вејсели за МИА.
Таа потсети дека 12 години работи како новинар (претежно истражувачки), 6 години го води порталот на албански јазик paCensure и 9 години предава новинарство на Државниот универзитет во Тетово.
Во текстот станува збор за случај во кој возрасно лице на малолетничка ѝ испраќало порнографски материјали, погрдни зборови и закани дека ќе ги објави нејзините лични податоци и фотографии. Вејсели соработувала со полиција, лицето било приведено, а судијата Иљази го осудил на само три месеци затвор. Во текстот таа напишала дека „судијата Назиф Иљази пресудил три месеци затвор“ – и ништо повеќе.
Судијката Магдалена Мишоска од Основниот суд Гостивар ја осудила Вејсели на 700 евра глоба, со образложение дека без согласност на судијата Иљази објавила видеа на ТикТок и Инстаграм во кои ги користела неговите лични податоци (име и презиме), со што му наштетила на неговата чест и углед по 37 години работа во Основниот суд Тетово.
Вејсели смета дека пресудата има врска и со друга нејзина тема од пред три недели – за прегазен малолетник во Гостивар, каде судијата го ослободил возачот. Таа вели дека постојано трпи притисоци и закани за тужби.
„Секој ден ме бараат во обвинителство – ќе те тужиме за ова, ќе те тужиме за она. Воопшто не се чувствувам слободно. Во Тетово и Гостивар не е како во Скопје. Овде мене не сакаат ниту да ме видат во суд, прават сè за да нема новинари и јавност“, додаде таа.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) реагираше соопштение во кое изрази сериозна загриженост, оценувајќи дека ваквата одлука испраќа негативна порака за слободата на изразување и медиумските слободи.
„Кривичното гонење на новинари за објавување податоци за носители на јавни функции во контекст на извршување на нивната професионална работа создава притисок врз медиумите и го ограничува правото на јавноста да биде информирана“, стои во соопштението.
Премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање го осуди случајот.
„Јас не можам од судијата да побарам одговорност, бидејќи не сум тој кој именува судии, таму има Судски совет. Но, најостро ги осудувам ваквиот тип на ограничување на слободата на говорот. Новинарите треба да се однесуваат етички, да служат да ја информираат јавноста. Слободата на говорот е пред сè и над сè и било кој напад врз новинар, вклучително и овој, најостро го осудувам и апелирам тоа да не се повторува во иднина, без разлика дали е од страна на некој политичар, некоја јавна личност, судија во случајот, бидејќи тоа може да се толкува како ограничување на слободата на говор“, рече Мицкоски.