Македонија

Поплави во повеќе региони во државата

Вонредни информации по обилните врнежи

Центарот за управување со кризи информира дека до 17:00 часот попладнево се евидентирани поплави и излевања на водотеци во повеќе региони во државата, по обилните врнежи од дожд што ја зафатија земјата во изминатите часови.

Во скопскиот регион, во Општина Сарај, поплавени се селата Буковиќ и Семениште. На терен интервенирале екипи на Општина Сарај, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје и Дирекцијата за заштита и спасување. Активностите се насочени кон расчистување на зафатените подрачја и одводнување на поплавените површини, со цел постепена нормализација на состојбата.

Во кумановскиот регион, во Општина Липково, реката Слупчанка излегла од своето корито во село Опае, при што е зафатен дел од населеното место. Излевање е регистрирано и во атарот на село Оризаре, каде се поплавени земјоделски површини. Засега нема пријавени материјални штети од жителите, освен штети на обработливо земјиште. Во Кратово и Крива Паланка не се пријавени поплави.

Во тетовскиот регион, интензивните врнежи довеле до зголемен водостој и проблеми со одводните канали. Пријавени се свлечишта на патните правци Тетово – Џепчиште и кон село Једуарце. Првиот патен правец е затворен за сообраќај, додека вториот е расчистен и повторно прооден. На делницата Тетово – Попова Шапка сообраќајот се одвива отежнато, а од утринските часови е воведена забрана за тешки товарни возила и автобуси. Засега нема опасност од излевање на поголемите водотеци, а снабдувањето со струја и вода е стабилно.

Во гостиварскиот регион се пријавени поплавени куќи, подрумски простории и стопански објекти во Гостивар, Врапчиште и Маврово и Ростуше. Во село Беловиште се интервенирало по пријава за заглавени лица во поплавен објект, кои се безбедно извлечени. Во село Форино е регистрирано излевање на реката Вардар, при што се зафатени земјоделски површини и постои ризик за објектите во близина на мостот кон село Тумчевиште. Ангажирана е механизација за расчистување на речното корито.

Во охридско-кичевскиот регион, во Охрид состојбата е стабилна и нема пријави за излевање или поплави. Во Кичево, по излевањето на Зајашка река, поплавени се повеќе куќи и дворови, а по пладне се пријавени дополнително околу 30 зафатени семејни домови. Извршена е евакуација на стари и изнемоштени лица, како и на деца од поплавените објекти.

Од Центарот за управување со кризи соопштуваат дека состојбата се следи континуирано во координација со надлежните институции, а јавноста ќе биде навремено информирана за понатамошниот развој на настаните.

Најнови вести од: Македонија

„Ни мртва нема да го направам“ – Сиљановска-Давкова: Не договарам уставни измени зад затворени врати

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова изјави дека постојат правни и политички механизми со кои Европската Унија може да понуди дополнителни гаранции за земјите кандидати, но истовремено категорично порача дека нема да прифати уставни измени договорени надвор од институциите

Мицкоски: Клиничката болница во Скопје ќе се гради кај „Борис Трајковски“

Владата останува цврсто на ставот дека новата Клиничка болница во Скопје треба да се гради на платото пред базенот кај арената „Борис Трајковски“, потврди премиерот Христијан Мицкоски.

Иста судијка, две одлуки: Ослободителна пресуда за таткото на Васил, Зоран Јованов

Основниот кривичен суд Скопје го ослободи од вина Зоран Јованов, татко на Васил Јованов кој ја предизвика сообраќајната несреќа на булеварот партизански одреди во Скопје во која смртно страдаше Фросина Кулакова

To top