Поаѓајќи од заложбата на Корубин во настојувањата да се запазува чистотата на мајчиниот јазик и поврзано со тоа најпрвин да се посега по речникот од народниот јазик, авторот на овој текст изнесува во широката македонска јавност сопствен новосоздаден збор „влијателник“ како првичен и можен теоретски предлог за замена на широко користениот збор „инфлуенсер“.
Исто така, ако тргнеме од заложбите и поуките на Благоја Корубин, зарем може да има дилема дали да ги употребуваме денес изразите, со кои нѐ бомбардираат политичарите, „инфлунсерите“, јавните личности: наместо „вин-вин решение“ да употребуваме „решение од кое добиваат сите“, наместо „Сејф сити“ да го затврдиме зборовниот состав „Безбеден град“, наместо „имплементација“ – спроведување, примена, наместо „перцепција“ – гледање, сметање и слични значенско и контестуално соодветни решенија, наместо „наратив“ да користиме став, мислење, поглед?
Дали можеме во духот на ставовите на Корубин зборот „инклузија“ да го отстраниме од нашиот речник и да посегнеме кон убавите народни зборови како што е „опфаќање“, „вклучување“, „припаѓање кон нешто“?

Практичните и стручно втемелени совети и јазични поуки на Благоја Корубин служеа со децении како главен извор за подобрување на јазичната култура кај говорителите на македонскиот јазик. Немерлив е неговиот придонес кон градењето и одржувањето на јазичната култура и јазичната свест за македонскиот јазик, особено преку рубриката „Јазично катче“ во весникот „Нова Македонија“, во која цели 30 години ја популаризираше правилната употреба на македонскиот јазик.
Корубин ставаше посебна нагласка на јасноста и правилноста во употребата на македонскиот јазик. Нему му се јавуваа голем број луѓе со најразлични прашања и со молби за решавање одредени јазични проблеми. Му се јавуваа дури и лектори, специјалисти за јазикот и бараа помош за некои нејасни нешта, што се појавуваа во нивната работа. Корубин стручно и компетентно бараше и предлагаше решение во духот на зборообразувачките модели и законитостите на макeдонскиот јазик.
Зборот „клучка“, што се однесува на патиштата, е „јазичен изум“ на Благоја Корубин. Откако почна изградбата на новите современи автопатишта во Македонија, кои се се вкрстуваат, се преплетуваат, започна и долгогодишното талкање по соодветно решение како да се нарекуваат. Почна да се користи српскиот збор „петља“, некои понекогаш велеа „петелка“, „јазол“. Корубин го предложи зборот „клучка“. Сега овој збор е влезен како норма во нашата комуникација и сосема соодветствува со односната состојба на автопатите. Постојат и повеќе други примери на зборови, што се плод на творечкиот дух на Благоја Корубин.

Денес јазичната политика и јазичното планирање претставуваат свесна интервенција во динамичниот стандарден македонски јазик. Најсистематично и најобемно дело во оваа област ни остави Благоја Корубин, порачувајќи дека јазичната норма треба да се негува. Оти во нејзиниот развој таа треба да штити од обезличување и од силата на стихијата… Уште од крајот на 60-тите години и во текот на 90-тите години од минатиот век Корубин пишуваше за македонскиот литературен јазик, за нормата на народниот и на литературниот јазик, за стихијата и свеста во развојот на литературниот јазик за односот кон литературнојазичната норма (грижата за неа, свесната интервенција во неа, усвојувањето), потоа за чистотата на македонскиот јазик, како да се развива неговиот речник…
Благоја Корубин (Прилеп, 1 март 1921 – Скопје, 17 февруари 1995), беше македонист, национален деец, првоборец во НОБ, филолог, преведувач, научен советник, истражувач и раководител на Одделението за современ македонски јазик при Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“. Бил долгогодишен претседател на Друштвото на литературните преведувачи на Македонија (1959-1966) и на Сојузот на друштвата за македонски јазик на Македонија. Автор е на стручни и научни книги, голем број статии, сеќавања.
Свето Тоевски