Агенти на тајната служба на САД убија вооружен маж кој денеска се обиде да влезе во одморалиштето Мар-а-Лаго на американскиот претседател Доналд Трамп во Флорида, изјави портпаролот на тајната служба, Ентони Гулјелми.
„Агенти на американската тајна служба и заменик од канцеларијата на шерифот на округот Палм Бич застрелаа и убија вооружен маж откако тој нелегално влегол во безбедниот периметар на Мар-а-Лаго рано утрово“, објави тој на платформата Икс.
Мажот, кој имал околу 20 години, бил пронајден на северната порта на Мар-а-Лаго и бил прогласен за мртов на местото на настанот.
Осомничениот за атентат е од Северна Каролина и семејството пред неколку дена го пријавило како исчезнат.
Според Гулјелми, истражителите веруваат дека тој ја напуштил Северна Каролина и се упатил кон југ, набавувајќи пушка-сачмарка по патот. Кутија со оружје била пронајдена во неговото возило.
Несудениот убиец на американскиот претседател поминал низ северната порта на населбата Мар-а-Лаго додека друго возило излегувало, објави Скај њуз.