Македонија

Весникот „Илинден“, гласникот на Македонците во Албанија – петнаесет години ѕвезда Деница за македонскиот збор

„Петнаесет години истрајност и посветеност – весникот „Илинден“ е жив хроничар на македонската заедница во Албанија, чувар на јазикот и културата и мост што ги поврзува генерациите и дијаспората низ светот. На 1 март 2011 година Македонското друштво ‘Илинден’ – Тирана го издаде првиот број на својот весник ‘Илинден’. Тој прв број, објавен како двоен (март/април), беше симболичен почеток на една медиумска приказна, која денес, петнаесет години подоцна, има 71 издание. Во текот на овие години, весникот не само што обезбеди континуитет и посветеност туку и изгради мостови меѓу заедниците – од Македонците во Албанија, преку читателите во татковината Македонија, па сè до дијаспората низ светот. Секое издание претставува сведоштво за една борба за видливост, за зачувување на јазикот и културата и за афирмација на македонскиот идентитет во услови на постојани предизвици.“ – пишува во статијата, која ја објави денес дневниот весник „Нова Македонија“.

– Да ни се множат јубилеите и понатаму – истакна Никола Ѓурѓај, претседателот на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, упатувајќи искрена благодарност до сите соработници и лојални читатели, кои се вистинската сила зад весникот – заедницата што го следи, го поддржува и го претвора во институција.

Весник што прерасна во институција

„Илинден“ денес не е само весник – тој е институција, медиумска платформа што ја надмина својата првична улога и се претвори во жив хроничар на македонската заедница во Албанија и пошироко. Секоја страница, секоја објава и секој број носат со себе сведоштво за една истрајна борба за зачувување на јазикот, културата и идентитетот. Писмата што секојдневно пристигнуваат до редакцијата, коментарите и реакциите на социјалните мрежи, како и постојаниот интерес на читателите, се најдобар доказ дека „Илинден“ прерасна во сериозен медиум. Тој не е само извор на информации туку и простор за дијалог, за размена на мисли и за афирмација на македонската заедница. Читателите го следат со доверба и внимание, препознавајќи во него автентичен глас што ги пренесува нивната реалност и нивните стремежи.

Од печатеното издание, кое со години беше единствено сведоштво за македонското присуство во Албанија, весникот се прошири и во дигитална форма, достапен преку веб-платформа и меѓународни библиотеки. Така, „Илинден“ стана дел од глобалната медиумска сцена, овозможувајќи пристап до својата содржина за пошироката јавност – од младите студенти до истражувачите и дијаспората, која бара врска со своите корени.

– Членството во Алијансата за етички медиуми (AEM) е уште една потврда за неговата релевантност и кредибилитет. Со тоа, „Илинден“ се вброи меѓу медиумите што се залагаат за професионални стандарди, транспарентност и одговорност. Присуството на најголемите агрегатори на вести во Македонија – „Тајм“, „Грид“ и „Вести“ (time.mk, grid.mk и vesti.mk) – дополнително ја зацврсти неговата позиција како медиум што ја надминува локалната рамка и станува дел од пошироката информативна мрежа – нагласуваат од весникот „Илинден“. „Илинден“ денес е повеќе од весник – тој е симбол на истрајност, чувар на меморијата и мост меѓу генерациите. Секој број е сведоштво дека македонскиот збор, македонската мисла и македонската култура имаат своја жива сцена и во Албанија и дека таа сцена е препознаена и почитувана.

Чувар на јазикот и идентитетот

Мисијата на весникот „Илинден“ останува јасна и непоколеблива: да ги поттикнува, да ги афирмира и да ги промовира македонскиот јазик, култура и национални традиции во Албанија. Тој не е само медиум што информира туку и чувар на духовното наследство, глас што ја брани видливоста на една заедница и мост што ја поврзува со своите корени. Во секој број се отвораат прашања од суштински интерес за Македонците – од образованието и културните настани, до правата и предизвиците со кои се соочува заедницата. Весникот не се задоволува со површно известување, туку создава простор за дијалог, за размена на идеи и за градење колективна свест. Така, „Илинден“ станува повеќе од печатено слово – тој е жив форум, место каде што македонскиот идентитет се потврдува и се зајакнува.

Секоја објава е дел од една поширока мисија: да се зачува јазикот како најсилен симбол на постоењето, да се афирмира културата како доказ за историска длабочина и да се одржи традицијата како темел на иднината. Во услови на асимилација и заборав, „Илинден“ е светилник што ја осветлува патеката на македонската заедница во Албанија, потсетувајќи дека идентитетот е живо ткиво што мора да се негува.

„Нова Македонија“

Најнови вести од: Македонија

Потпишан договор за изградба на паркинзи во Клиничкиот комплекс – Во првата фаза до втората половина на 2027 најмалку 500 паркинг-места

Министерството за здравство (МЗ) и Град Скопје го потпишаа Договорот за изградба на паркинзи во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Договорот е на 15 години, со 10 отсто закупнина од вкупно остварениот промет. Во првата фаза е предвидена изградба на два современи монтажни паркинга, со најмалку 500 паркинг места, кои се очекува да бидат ставени во функција до втората половина на наредната година. Паркинзите ќе бидат, пред се, наменети за пациентите и за вработените во Клиничкиот центар. Планирано е едниот паркинг да биде кај Клиниката за гинекологија, а вториот кај црквата во Клинички. Како што најавија министерот за здравство Азир Алиу и градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски пред потпишувањето на Договорот, ако има потреба, ќе биде изграден и трет монтажен паркинг. Ако се утврди дека капацитетите овозможуваат да се паркираат и приватни лица, ќе се овозможи и тоа.

Се возобновува Средното полициско училиште, ќе се запишат 200 ученици! – На 1.7.2026 јавен повик за прием на ученици

Околу двесте ученици ќе се примаат во првата, односно 25 класа на новото државно Средно полициско училиште – Полициска академија, за кое јавниот повик за учебната 2026/2027 година се очекува околу 1 јули. Со него ќе се возобнови средното полициско образование по пауза од 26 години, односно од завршувањето на последната генерација (1996-2000) пред укинувањето на тогашниот Центар за образование на кадри од областа на безбедноста (ЦОКОБ) „Елисие Поповски-Марко“.

Протест на ОМД кон Бугарија: Ако е закана Менкиноски, кој ги брани правата на Македонците пред ЕСЧК, тогаш сите сме закана!

Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) со седиште во Вашингтон, САД, изразува сериозна загриженост и протест поради одлуката на бугарските власти со која на адвокатот Тони Менкиноски му се изрекува 10-годишна забрана за влез во Бугарија.

To top