Македонија

Груби треба да заврши во истражен затвор, лидерот на ЗНАМ во интервју со Мери Симоновска (ВИДЕО)

На господинот Груби не му е место дома, неговото место е во истражен затвор, порача Димитриевски

Лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово вели дека односите во владината коалиција се стабилни, дека министрите од неговата партија имаат резултати, а случајот со Артан Груби го оцени како „невиден преседан“

Претседателот на Движењето ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, во емисијата „За или против“ со Мери Симоновска на ТВ Алфа порача дека ЗНАМ е стабилен и самостоен политички субјект во рамки на владејачкото мнозинство и дека нема судир со ВМРО-ДПМНЕ, и покрај шпекулациите што, според него, ги пласира опозицијата.

Димитриевски истакна дека ЗНАМ влегол во власта од државни и патриотски причини, со цел да не се дозволат „репризи од минатото“, и нагласи дека коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ функционира суштински, а не само формално.

„Ниту сме биле, ниту некогаш ќе бидеме сателит партија. ЗНАМ е свој политички субјект со своја идеологија и сопствени чекори на политичкиот простор на Македонија“, рече Димитриевски.

Тој додаде дека неговата партија е задоволна од своето учество во Владата, особено во ресорите правда и јавна и државна администрација, каде, како што посочи, се работи на сериозни законски решенија и системски реформи.

Во однос на најавите за можна реконструкција на Владата, Димитриевски потврди дека со премиерот разговарал за временската рамка, но не и за конкретни имиња. Сепак, нагласи дека е целосно задоволен од работата на министрите од редовите на ЗНАМ, вклучително и од министерот за правда Игор Филков.

Најостар беше во коментарот за случајот со поранешниот вицепремиер Артан Груби, оценувајќи дека одлуката по 14 месеци надвор од државата да добие куќен притвор е „невиден и незапомнет преседан“.

„На господинот Груби не му е место дома. Неговото место е во истражен затвор“, порача Димитриевски, додавајќи дека главната одговорност ја гледа кај обвинителството, но и дека Судскиот совет и Советот на јавни обвинители треба темелно да го преиспитаат случајот.

Според него, ваквите одлуки дополнително ја уриваат и онака ниската доверба на граѓаните во правосудниот систем.

Осврнувајќи се на политичката сцена, лидерот на ЗНАМ оцени дека СДСМ е во континуиран пад и дека дел од нивното членство веќе се дистанцира од актуелното раководство.

„Тој политички субјект во континуитет ќе паѓа, а чесните членови или ќе се пасивизираат или ќе доаѓаат во редовите на ЗНАМ“, рече Димитриевски.

Во делот на евроинтеграциите, Димитриевски порача дека Македонија во моментов е „на кружен тек“ на патот кон Европската унија, но дека причината за застојот не е во државата, туку во односите со соседите, пред се со Бугарија.

Тој ја критикуваше и одлуката на бугарските власти за забрана за влез на адвокатот Тони Менкиноски, оценувајќи дека Софија со тоа покажува недемократски однос кон прашањето за Македонците во Бугарија.

Говорејќи за предлогот на ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници, Димитриевски повтори дека Македонија има потреба од поефикасен парламент и дека бројката од 90 пратеници е разумна и функционална.

На крај, тој порача дека Македонија мора да остане доследна на сопствените позиции во однос на идентитетските прашања и европскиот пат.

„Ние сме Македонци откако векот векува и светот светува и такви ќе останеме. Како Македонци ќе влеземе таму, без разлика дали тоа некому му се допаѓа или не“, истакна Димитриевски.

Најнови вести од: Македонија

Сали: Уставниот суд ја укина одлуката за имињата на улиците во 2007, оти беше без одлука на владата, a протестите на ДУИ се политички мотивирани!

Протестите на ДУИ се политички мотивирани, а Уставниот суд ја укина одлуката за имињата на улиците во Тетово зашто била донесена без да се испочитуваат законот и процедурите, изјави денеска Беким Сали од коалицијата Вреди, актуелен вицепремиер и министер за европски прашања. Сали појасни дека новата постапка во Тетово веќе е започната, но овој пат ќе се води строго според законските прописи.

Димитриевски: СДСМ е друштво во ликвидација и стечај, ликвидатор му е Филипче, а го координираат од Струмица!

Лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски изјави дека СДСМ, наместо секојдневно да пласира политички лаги и измислени конструкции, треба конечно да се соочи со сопствените политики, поради кои ја изгуби довербата на граѓаните. Тој оценува дека денешното раководство ја доведе партијата до состојба на политички стечај.

ВМРО ДПМНЕ: Филипче и другарите повторуват лаги како папагали – пензиите не се загрозени, буџетот не е празен!

Венко Филипче и неговите другари лагите ги повторуваат како папагали. Од нивното однесување и нивните кажувања кои се сведуваат на сеење страв се гледа само едно дека немаат идеја за ништо и само повторуваат лаги.Буџетот не е празен, ниту се загрозени пензионерите и нивните месечни примања, ниту се загрозени вработените и нивните примања, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Анри Барбис: Македонците, коишто имаат свој автентичен посебен јазик и своја неспорна етничка оригиналност, го немаат дури ни правото да се нарекуваат Македонци!

„Македонците, коишто имаат свој автентичен посебен јазик и своја неспорна етничка оригиналност, го немаат дури ни правото да се нарекуваат Македонци. Нам ни припаѓа правото јасно и високо да протестираме против поробувањето и угнетувањето на еден народ.“  – напишал Анри Барбис на во својата статија со наслов „Поробен народ“ („Un peuple asservie“), која е објавена на 28 јуни 1930 година во публикацијата „Монд“ број 108. Барбис е блескав француски писател, добитник на највисоки француски државни награди за вредностите на својата литература. Во „Поробен народ“ овој француски писател употребува директно за Македонците оригинални француски формулации „une nation“, „langue distincte“ и „originalité ethnique“, кои во францускиот политички и интелектуален речник од тоа време имале многу силно значење и означувале: посебен народ, посебен идентитет и различен, посебен јазик. Формулациите на Барбис „свој посебен јазик“ и „неоспорна етничка оригиналност“ се јасно признавање на постоењето на македонскиот народ и на македонскиот јазик среде интелектуална Франција и интелектуална Европа. Уште пред сто години, Барбис зборува експлицитно за Македонците како посебна нација, а не како дел од друга балканска нација.

Муцунски: Нема „северномакедонски народ, идентитет и јазик“, туку само македонски народ, јазик и идентитет, секое нивно оспорување ќе наиде на соодветен одговор!

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија Тимчо Муцунски денеска, на покана на министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска Гордан Грлиќ Радман, учествуваше на панел-расправата „ ЕУ и Западниот Балкан: заедничко решавање на недовршените работи“ во рамки на Дубровник- форумот, посветена на европската перспектива на Западен Балкан и иднината на политиката на проширување. Во обраќањето министерот Муцунски се осврна на актуелните иницијативи за постепена интеграција на земјите кандидати во Европската Унија, оценувајќи дека тие можат да бидат значајна алатка, ако претставуваат мост кон полноправното членство. „Ако новиот модел на постепена интеграција претставува мост кон полноправно членство, тогаш ќе биде исклучително корисен. Но, мора да внимаваме да не стане алатка, која ќе создаде трајна чекалница без врата кон целосно членство“, истакна Муцунски.

Лефков: Филипче е слуга на Бугарија и не го засегаат нејзините напади врз Македонија, идентитетот, јазикот и историјата!

„Додека државните претставници на Македонија секој ден наоѓаат начини за соработка, јакнење на билатералните односи, јакнење на позицијата на државава на меѓународна сцена како што се деновиве активностите на министерот Муцунски во Дубровник, дома го имаме опозиционерот Венко Филипче и неговите другари од раководството на СДС, кои знаат само да слугуваат на туѓи интереси, сега конкретно слугуваат на Бугарија!“ – нагласи на денешната прес-конференција Миле Лефков, член на ИК и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Ѓорче Петров, жестокиот борец против врховизмот и великобугарските посегања кон Македонија, „земјата врз која се излеал сиот божји благослов“

Денеска се одбележуваат 105 години од убиството на Ѓорче Петров, еден од идеолозите на македонската револуционерна борба  за слобода на македонскиот народ и за создавање самостојна македонска држава. Поради своите чисто македонски позиции, Ѓорче Петров станал најнапаѓаниот член на ВМРО од страна на великобугарските врховисти. Неговиот став кон Бугарија и бугарската политика бил критичен – тој се борел за самостојна македонска ослободителна борба и остро се спротивставувал на бугарските врховистички обиди и мешања во внатрешните работи на Организацијата. Ѓорче Петров бил еден од авторите на Уставот на ТМОРО, чија цел била создавање самостојна македонско-одринска област. Тој бил жесток противник на бугарскиот Врховен комитет (врховистите), кој се обидувал да ја стави македонската револуционерна борба под контрола на официјална Софија. Во своето капитално дело „Материјали по изучувањето на Македонија“, тој ги отфрлил стремежите на соседните држави. За бугарските и српските пропагандни тврдења дека македонското население е бугарско, односно српско, тој јавно истакнал дека „тие докажувања не вредат ни луле тутун“. Во 1920-тите години дошол во сериозен политички судир со Тодор Александров. Ѓорче Петров бил убиен на 28 јуни 1921 година среде Софија, по налог на Тодор Александров, а атентатот го извршил Турчинот Реџеп.

Најнови вести

To top