Обвинителката Ленче Ристоска останува без предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, кои се однесуваат на наводно незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и на барањето за конфискација на партиското седиште.
Ова доаѓа по одлуката на државниот јавен обвинител Ненад Савески да ги повлече овластувањата дадени на дел од обвинителите да постапуваат во други обвинителства.
Савески на брифинг со новинарите истакна дека потегот не е насочен лично кон Ристоска и нема политичка заднина, туку има за цел воведување ред и евиденција во системот.
„Одлуката ја донесов денеска и сè уште не е потпишана. Ова не е само за Ленче Ристоска. Има многу овластувања, не знам колку се точно. Мораме да имаме јасна слика. Моите одлуки не се политички“ изјави Савески вчера, јави „Плусинфо“.
Според информациите, едниот предмет што го водеше Ристоска бил во надлежност на обвинителство во кое таа не работи, па ќе ѝ биде одземен по сила на генералната одлука.
За вториот предмет, кој формално е во обвинителството каде што таа работи, ќе се утврдува дали го добила со овластување, но неофицијално и тој бил воден на ист начин.
„ Кога дојдов, затекнав куп предмети во кои обвинители постапуваат во обвинителства каде што не работат. Мораме да воведеме ред“, рече тој.
Савески посочи дека сè уште не донел одлука за евентуално изземање на Ристоска од случајот „Талир“, иако такво барање е поднесено.
Предметот го прибавив и го проучив, но сè уште немам донесено одлука, бидејќи ја разгледувам состојбата со дадените овластувања на јавните обвинители – изјави Савески во телевизиско гостување.