Колумни

Гоце Делчев е Македонија, но треба и Македонија и Македонците да бидат Гоце Делчев, не само еден ден!

Пишува: Свето Тоевски Пред 122 години на денешен ден, на 4 мај 1903 година, во селото Баница престана да чука срцето на Гоце Делчев, најголемиот водач на револуционерната борба на македонскиот народ за извојување слобода и создавање своја самостојна држава Македонија. Но, тогаш не престана да чука срцето на револуционерна Македонија. Овој највелик Македонец, како величествена […]

Пишува: Свето Тоевски

Пред 122 години на денешен ден, на 4 мај 1903 година, во селото Баница престана да чука срцето на Гоце Делчев, најголемиот водач на револуционерната борба на македонскиот народ за извојување слобода и создавање своја самостојна држава Македонија. Но, тогаш не престана да чука срцето на револуционерна Македонија. Овој највелик Македонец, како величествена пројава на еден индивидуален бунтовен дух, го одрази во целина бунтовниот дух и на народот македонски, од кого поникна. Многу историчари, многу други народни и револуционерни дејци рекле дека Гоце Делчев е Македонија, но треба да се запрашаме денес, во овие мигови на сеќавања за неговата херојска смрт: дали и Македонија е Гоце Делчев? Колку неговите пораки навистина одекнуваат и се задржуваат дејствително во свеста на македонскиот народ не само повремено, на одбележувањата на денот на неговото загинување, како и на денот на неговото раѓање, туку и потоа, во другите денови од годината?

Зашто, македонската илинденско-асномска револуција во 1944/1945 година беше крунисана со слобода и со конституирање на македонската држава, иако само на едното парче на македонската етнојазична територија, на вардарска Македонија. Но, „Преспанскиот договор“ ја урна асномска Македонија, а „добрососедскиот договор“ со Бугарија се стреми да го доврши разнебитувањето на другите најбитни елементи на идентитетскиот комплекс на македонскиот народ, покрај тоа што му беше одземено името Македонија и идентитетската одредница „македонски“. Оттука, се наложува потребата да се пристапи кон возобновувањето на илинденско-асномските темели на Република Македонија како Република Македонија и на националниот, јазичен, културен и историски идентитет на македонскиот народ, оспорени од двата „добрососедски договора“.

Политичката идеологија и револуционерното кредо – „вјерују“ на Гоце Делчев, што е најчистата суштина на македонизмот, сфатен како филозофија на слободата, се најдобриот пат и денес, по 122 години, во која насока треба да се реализираат новите мирновременски активности за возобновувањето и опстојот на Македонија како држава, но и на животот и просперитетот на македонскиот народ како засебен етнос во Балканот и светот.

Бележито место во колективното национално помнење на македонскиот народ зазема знаменитото истапување на Гоце Делчев во февруари 1896 година пред бугарскиот врховистички генерал Данаил Николаев: „Ние, селаните, македонското население, народот, нема да им дозволиме на други да прават политика со Македонија, ниту ќе им дозволиме на други да решаваат дали да живееме или да умреме и кога… Ние не бараме покровители, а уште помалку господари.” Со други зборови кажано, Македонците треба да бидат самите господари на својата судбина и самите да водат своја, македонска политика за себе, да не дозволуваат други во оваа нова геополитичка ера на 21-иот век да прават „европска“ и „бугарска политика“ со нив, во интерес на официјална Софија.

Во овој контекст потсетување на уште еден важен настан и реакција на Делчев, поврзана со него. Бугарите сакале по секоја цена да го запрат процесот на Македонското национално ослободително движење, за да можат територијално да ја заземат Македонија. Дури, во 1902 година, со оглед на мешањето на Бугарија, бил предизвикан инцидент, односно било кренато, поради провокација на Бугарите, така нареченото Горноџумајско востание. Кога Делчев разбрал за ова бесно изреагирал: „Зарем не гледате дека на Бугарите им пречи тоа дека сме Македонци? Бугарите не нѐ сакаат нас, Македонците. Тие да нѐ сакаа немаше да ни дадат пушки без муниција. Тие ја сакааат само територијата на Мајка Македонија.“

Но, апостолот на револуционерна Македонија и искажал и вонвременската порака „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“, со што ја искажал сета благородност, величенственост и етика на македонизмот дека народите треба да живеат заедно, да се почитуваат и да соработуваат. Вдахнати од личноста и делото на својот водач Делчев, Македонците треба да иницираат активности, со кои светот и посебно Балканот би можеле да се претворат повеќе во поле на културен и цивилизациски натпревар, во кое ќе бидат избришани двата споменати „добрососедски договора“, а наместо негирања, омраза и непријателства, би се створил простор за вистински добрососедства, за заемно признавање, почитување и соработка меѓу македонскиот, бугарскиот, грчкиот, албанскиот и на сите други народи.

Покрај тоа што бил идеолог и организатор на Македонската револуционерна организација, водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, Гоце Делчев бил и политичар, кажано со денешен речник, кој изнел многу мудрости, со што ја предочил македонската идеологија и иднина и на денешново и следните македонски поколенија. Издвојуваме дел од тие други визионерски и вонвременски мудрости и пораки на Гоце Делчев. „Јас не познавам друг народ, кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа.“ „Труд и постојамство, тоа е силата, со помош на која човек станува највелик при секоја иницијатива.“

„Делото на ослободувањето на еден народ, е пред се, негово сопствено дело, на неговите сопствени раце.“ „Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија?“ „Внатрешната организација не се стреми само да им дава оружје на луѓето, ами и да го разбие нивниот ропски дух.“ „Ние се бориме за слободна и независна Македонија со широки права на сиромашното население.“

„Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание. Кој мисли инаку да се ослободи Македонија, тој се лаже и себеси и другите.“ „Македонија има свои интереси и своја политика.Тие им припаѓаат на сите Македонци. Оној што сака да работи на присоединувањето на Македонија кон Бугарија, Грција или Србија, тој може да се смета како добар Бугарин, Грк или Србин, но не и како добар Македонец.“

Дали согледуваме и по 122 години колку се свежи овие ставови на Делчев, анализирани и од денешна гледна точка, небаре како да го слушаме токму денес да говори на плоштадот „Македонија“ среде Скопје во врска со моментните внатрешно-политички  и меѓународно-политички околности, во кои се наоѓа и живее македонскиот народ?! Овие мисли на Гоце Делчев ќе одекнуваат секогаш низ времињата како вонвременски пораки и завет до секое, па и до ова денешно македонско поколение, секогаш да ја штити својата колективна и индивидуална македонска национална свест, да не се мири со неправдите, угнетувањата и националните понижувања, како завет за секој Македонец да го чувствува за својата татковина Македонија она истото, што го чувствуваше и Гоце Делчев.

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена објективна историско-политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ставови на која било политичка партија, ниту со уредувачка ориентација на ниеден медиум од Република Македонија)

Најнови вести од: Колумни

Ѓуров и Јотова бараат примена на „Францускиот предлог“, што е негирање на македонскиот јазик и Македонците, кои во 1890 бараа од Цариград негова употреба!

На 29 октомври во завршната дебата на Бугарската национална телевизија пред одржувањето на вториот круг на претседателските избори во Бугарија на 1 ноември 2026 година Андреј Ѓуров и Илијана Јотова, двата кандидата за претседател на Бугарија, го повторуваат барањето да се внесат Бугарите во уставот на Македонија. Едновремено тие бараат и „целосна примена“ на злогласниот „француски предлог“ и „Вториот протокол“, со кои во најдиректна смисла официјална Софија бара Македонија „да признае и да прифати“ дека „македонскиот народ и јазик имаат бугарски корени“. Јотова уште сево ова го нарекува „европска политика. И Ѓуров и Јотова се во жесток судир со реалноста и со историјата. На 30 октомври 1890 година Македонците од Охрид испраќаат официјална молба до Високата порта во Цариград. Во оваа молба, македонските првенци експлицитно бараат дозвола за основање македонски училишта во Охрид и околината, во кои наставата ќе се изведува на македонски јазик. Ова е еден од најважните документирани јавни прогласи од XIX век каде што јасно се дефинира засебноста и автентичноста на македонскиот јазик, независно од пропагандите на соседните држави.

Димитрија Чуповски, народниот трибун и градител на македонската национална самосвест – 86 години од смртта (2)

На 29 октомври 1940 година во Ленинград, во Русија засекогаш ги затвори своите будни и неуморни очи Димитрија Чуповски, најистакнатиот и најдоследен организатор и афирматор на македонската национална мисла и акција, македонскиот општественик, револуционер, политичар и дипломат, публицист и поет, истражувач на македонското минато и култура, картограф на етничка Македонија. Чуповски беше најблизок истомисленик и идеен соборец со Крсте Мисирков во раководството на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург. Денес се навршуваат 86 години од неговата смрт. Неуморниот борец за македонската кауза остави зад себе богато научно, публицистичко и национално наследство. Од тоа наследство засекогаш ќе зрачи вонвременската порака дека македонскиот народ не треба никогаш да очекува од никого од Балканот и Европа милост дека ќе се грижи за неговата судбина, туку оти самиот треба да ги земе своите работи во свои раце, самиот да ги уредува својот живот и својата татковина.

Македонското научно-литературно другарство од 1902 – моќниот гласник на македонската вистина во Европа и светот (1)

„Словеномакедонското национално-просветно друштво ‘Св. Кирил и Методија’ има цел да го помага духовното преродување и обединување на Македонските Словени и нивното слободно национално-битово самоопределување.“ – се наведува во член 1 на во Уставот на Македонското научно-литературно другарство (МНЛД), основано на денешен ден, на 28 октомври 1902 година во тогашен Санкт Петербург, во Русија. Активностите на Македонското научно-литературно другарство на Крсте Мисирков, Димитрија Чуповски и другите македонски национални дејци, собрани во него, имаат огромно, немерливо значење за македонскиот народ и Македонија, бидејќи уште пред повеќе од еден век многу јасно и многу силно ги претставуваа и ги заштитуваа македонските национални и државни интереси пред агресивните балкански држави и нивните поддржувачи – големите европски сили. МНЛД им укажа на Европа и светот уште пред 122 години дека постои еден народ во Балканот со своја македонска самосвест, кој се бори за правото сам да ја кове својата судбина, без никој да господари со него. Вонвременските пораки на на ова македонско интелектуално Другарство одекнуваат со сета сила и актуелност и денес, во овие сложени геополитички и меѓународни моменти, во кои се втурнати македонскиот народ и Македонија.

Претсмртниот завет на Антон Попов до сите македонски поколенија да го чуваат македонското име и никогаш да не отстапуваат од борбата за иднината на Македонија

На денешен ден, на 20 октомври 1915 година е роден непокорниот син на Македонија и македонскиот народ писателот Антон Попов. Неизмерна е важноста на неговите дела за градењето на македонската самосвест на македонскиот народ. Како бранител негов и на македонската кауза, во своите публицистички трудови, како што е знаменитата статија „Дали постои македонска нација“ Попов дава јасен, научно и историски образложен одговор за постоењето на македонскиот народ, со кој ги побива туѓите негаторски пропаганди. Попов постоеше и живееше, сонуваше и копнееше, дишеше и умре за саканата таковина Македонија, стрелан во Софија на 23 јули 1942 година од царборисовскиот фашистички режим на Бугарија.

Бистришки, 1934 – Тоевски, 2026: Зошто сме ние, Македонците, одделен народ? (4)

Одговорот на тоа прашање е од огромно геополитичко значење за Македонија и македонскиот народ и денес, на почетокот на 21 век. Авторот на овој текст чини напор сега, во 2026 година, да даде свој аргументиран одговор на истото прашање, кое си го постави пред себе Васил Ивановски – Бистришки во 1934 година. Македонците се навистина посебен народ во Балканот и Европа: својата „Македонска приказна“ тие си ја пишуваа самите низ бурните епохи на својата национална историја. Во таа историја се вградени сите државотворни стремежи на македонскиот народ, на кого никој никогаш ништо не му подарил, ниту држава, ниту фалсификувана историја како на „добрите соседи“. Напротив; толку многу му одзеле, но тој стои простум и натаму наспроти бурите на (не)времињата. Македонците со својот јазик и писменост, со својата духовност и култура, со својот идентитет и историја се длабоко во темелите на европската цивилизација.

Огромното значење на „Македонскиот манифест“ на Бистришки за посебноста на македонскиот народ сега кога се прогласува дека е бугарски и воздухот, што го дише! (3)

Статијата на Васил Ивановски – Бистришки со наслов „Зошто сме ние, Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година, е еден од најзначајните и најтемелните историски документи во 20 век за афирмација на македонскиот национален идентитет и за правилното и целосно решавање на македонското прашање во Балканот. Македонски историчари аргументираат дека е таа текст од клучно значење за македонскиот народ, исто како и „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков.

За Бугарите Васил Бистришки „талкал околу македонското прашање“, иако јасно се борел против бугаризацијата на Македонија и Македонците! (2)

„Бугарскиот, српскиот и грчкиот империјализам го одрекуваат постоењето на македонската нација. За да покажеме дека немаат никакво право над Македонија и да ја попречиме нивната асимилаторска политика, ние, Македонците треба високо да изјавиме дека не сме Срби, Грци, ниту Бугари, туку одделна македонска нација со свој јазик, национален карактер и историја.“ – истакнал Васил Ивановски-Бистришки (18.10.1906-1991) во неговата бележита статија „Зошто сме, ние Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година. Оваа статија е едно од најтемелните докажувања на македонската национална посебност и идентитет, напишана од Македонец на почетокот на 20 век. Сто и дваесеттата година од раѓањето на овој значаен деец за етноидентитетската, јазична и историска засебност на македонскиот народ е пригода за должно навраќање кон неговото дело.

Васил Ивановски-Бистришки им одржа на Бугарите и Грците „лекција“ за постоењето на Македонците десет години пред „Тито да ги измисли“! (1)

„Бугарскиот, српскиот и грчкиот империјализам го одрекуваат постоењето на македонската нација. За да покажеме дека немаат никакво право над Македонија и да ја попречиме нивната асимилаторска политика,  ние, Македонците треба високо да изјавиме дека не сме Срби, Грци, ниту Бугари, туку одделна македонска нација со свој јазик, национален карактер и историја.“ – истакнал Васил Ивановски-Бистришки (18.10.1906-1991) во неговата бележита статија „Зошто сме, ние Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година. Оваа статија е едно од најтемелните докажувања на македонската национална посебност и идентитет, напишана од Македонец на почетокот на 20 век. Сто и дваесеттата година од раѓањето на овој значаен деец за етноидентитетската, јазична и историска засебност на македонскиот народ е пригода за должно навраќање кон неговото дело.

To top