По објавата на СДСМ со критичка ретроспектива на уредувачката политика на Инфомакс, ЗНМ смета дека ваквиот пристап не е соодветен за јавна комуникација. Во демократско општество, улогата на политичките партии не е да квалификуваат или етикетираат медиуми, туку да одговараат на нивните прашања и критики од јавен интерес. Медиумите, без разлика дали некому му се допаѓа нивната уредувачка политика или не, се дел од плурализмот и јавната дебата, се вели во реакцијата на Здружението на новинарите на Македонија на соопштение на СДСМ.

Опозициската СДСМ преку соопштение со наслов „Зар и ти сине Мечка?“ остро реагираше на, како што велат, „пресвртот“ во уредувачката политика на порталот Инфомакс и „Мечка“. Од партијата упатија критики и кон новинарот Александар Митовски, обвинувајќи дека медиумот започнал со напади кон нив и кон претседателот Венко Филипче.
„СДСМ со жалење и големо разочарување го следи неодамнешниот пресврт на ‘Инфомакс’ и водителот Мечка, кој одеднаш започна жестоко да напаѓа сè што е поврзано со нашата партија и со претседателот Венко Филипче. Долги години ‘Инфомакс’ и Мечка се претставуваа и работеа како независен и критички глас кон сите власти.
Се сеќаваме дека токму кога еден член на ВМРО насилно упадна во нивното студио за време на подкастот ‘Тешки муабети’ и се обиде да ги нападне водителите, тие го осудуваа насилството и бараа заштита токму од ВМРО-ОКГ.
Сега, кога СДСМ жестоко ја критикува политиката на Владата на Христијан Мицкоски и неговата ВМРО-ОКГ, истиот тој глас почнува да ги напаѓа токму оние кои најгласно ја бранат иднината на Македонија од автократија, корупција и изолација. СДСМ виде и во своите редови дека ‘парата буши и каде што бургија не може’, но тоа не значи дека ќе молчиме пред оние кои сега се продаваат додека им вртат грб на принципите.
Не можеме сите да се продаваме за пари. Не можеме сите да ја продаваме иднината на земјата за да штитиме една партија и нејзината криминална банда која повторно ја враќа државата во старите, мрачни денови на Никола Груевски.
На Мечка и на сите кои сега ја менуваат страната им порачуваме: чесноста и принципиелноста не се на продажба. Кој еднаш се продал, тешко потоа може да се претставува како ‘независен’. Довербата се заслужува со години, а се губи за секунда“, се вели во вчерашното соопштение на СДСМ.