Регулаторната комисија донесе одлука за промена на цените на нафтените деривати. Цената на бензинот еуросупер БС-95 се намалува за 0,50 денари за литар и од полноќ ќе изнесува 83,50 денари. Цената на бензинот еуросупер БС-98, не се менува, останува на исто ниво од 85,50 денари за литар, додека цената на еуродизелот (Д-Е V), се зголемува за 2,50 денари за литар и ќе изнесува 98 денари.
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95: 83,50 ден/литар
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98: 85,50 ден/литар,
Дизел ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V): 98,00 ден/литар
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1): 95,50 ден/литар
Мазут М-1 НС: 51,311 ден/килограм
Регулаторната комисија дополнително ги повика нафтените компании да го вкалкулираат обезбедениот попуст од страна на Владата со главниот добавувач ОКТА, со што граѓаните ќе можат директно да го почувствуваат ефектот: поевтинување од 3 ден/литар за дизел и 2 ден/литар за бензин.
- Доколку не се продолжеше времетраењето на намалениот ДДВ и не се интервенираше во акцизата, цената на бензините ќе беше повисока за 8,50 ден/литар, а дизелот за 12,00 ден/литар – потенцираат од РКЕ и велат дека интервенцијата овозможува поевтини горива и стабилност на пазарот.
Намалувањето на цените е дел од мерките за заштита на стандардот на граѓаните и стабилноста на економијата во услови на глобални флуктуации на нафтениот пазар. Премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека Регулаторната комисија ја донесе одлуката согласно владината одлука за намалување на акцизите.
- Овозможивме Регулаторната комисија да ги намали акцизите за дизел од 4 денари по литар, а за бензините од 2 денари по литар. Исто така, во разговор со ОКТА, лично разговарав и со раководството на ОКТА во Атина, но и со раководството на, односно со „Хеленик Петролеум“ и ОКТА тука во Скопје, успеавме да обезбедиме дополнителен период од еден месец за попустот од 3 денари за дизел и 2 денари за безоловен бензин. Кога сето ова ќе се стави во функција, за бензините треба да имаме поевтина цена, а за дизел не би требало да имаме покачување на одредени бензински пумпи, и покрај сериозната предизвикувачка состојба не само во државата, туку насекаде низ светот – истакна Мицкоски.

Премиерот рече дека состојбата со резервите на гориво е стабилна и место за паника нема. Владата ја намали акцизата на горивата со цел стабилизирање на цените. Дизелот поевтинува за четири, а бензините за два денари по литар.
Останува и повластената стапка на ДДВ-то од 10% за горивата со важност во наредните две недели. Оваа одлука доаѓа во период на зголемена нестабилност на енергетските пазари, кога цените на нафтата и дериватите се под притисок на глобалните случувања. Според Владата, засега нема да се ограничи точењето на горива за странци, иако според премиерот, притисокот на пограничните места бил поголем. Во меѓу време, нафтата надмина 109 долари за барел, а дел од европските берзи претежно се затворени.