Македонија

Скопје во трка за европски град на културата – Дали до 2028. ќе биде година на промени?!

Шанса за културен развој, но и уште многу работа за „Скопје-европска престолнина на културата 2028“- дел од заклучоците на денешната конференција. Дали очекувањата на надлежните и граѓаните ќе се исполнат и дали општеството ќе ја искористи дадената шансата на професионално ниво останува на процесот и дејствувањето во периодот кој следи.

Во рамки на подготовките за „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, со поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации, се одржа меѓународната конференција „Обликување на иднината на Скопје: Култура, урбани политики и одржливи европски градови“, еден од клучните настани со кој Скопје ја претставува својата визија пред Европа и светот, објави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

  • „Денеска Скопје беше вистински европски центар. Место каде што културата, урбаните политики и одржливиот развој се споија во една заедничка платформа за иднината“, објави Ѓорѓиевски.

Особена чест и тежина на настанот, додаде тој, му дадоа истакнатите гости: шефот на делегацијата на ЕУ, амбасадорот Михалис Рокас, министерот за култура Зоран Љутков, постојаниот претставник на УНДП Армен Григоријан, градоначалникот на Матера Антонио Николети, заменик градоначалничката на Подгорица Наѓа Лиљаник, градоначалникот на Валета Олаф Мекеј, советникот од Торино Франческо Тресо, регионалниот директор на УН Хабитат за Источна Европа Ерфан Али, како и проф.д-р. Огнен Марина, кои ги споделија своите искуства, знаења и визии пред сите присутни.

  • „Оваа конференција е јасна порака дека Скопје влегува во сериозна, структурирана и европски препознаена траекторија кон 2028 година. Беа потпишани вкупно 5 меморандуми за соработка кои претставуваат силен исчекор кон долгорочен, одржлив и визионерски развој на градот, како и кон успешна имплементација на титулата Европска престолнина на културата“, информира градоначалникот.

Три меморандуми, додаде, беа потпишани со реномирани европски универзитети од областа на урбанизмот и просторното планирање – Факултетот за урбанизам при Универзитетот во Лунд, Универзитетот во Солун и Политехничкиот универзитет во Торино.

  • „Овие академски институции, препознаени како центри на врвно знаење, иновации и на современи урбани практики, ќе обезбедат стручна и научна поддршка во креирањето на 20-годишната стратегија за урбан развој на Град Скопје. Со тоа, Скопје се позиционира како град кој својата иднина ја гради врз основа на знаење, визија и европски стандарди“, соопшти Ѓорѓиевски.

Покрај академската соработка, додаде, беа потпишани и два меморандуми со општините Матера (Италија) и Валета (Малта), градови кои во блиското минато ја понесоа титулата Европска престолнина на културата и зад себе оставија успешни, трансформативни културни приказни.

  • „Овие партнерства отвораат простор за директен пренос на искуства, знаење и добри практики, особено во делот на управување, програмско планирање и реализација на комплексниот процес „Европска културна престолнина“. Соработката со универзитетите и општините партнери претставува синергија на наука, култура и локално управување, која ќе овозможи Скопје не само успешно да ја реализира 2028 година, туку и трајно да ги вгради културата и креативноста како двигатели на урбаниот, економскиот и општествениот развој“, порача градоначалникот.

Преку оваа платформа, нагласи тој, Скопје ја претстави својата културна визија, програмската рамка и меѓународните амбиции, но уште поважно, отвори суштинска дебата за иднината на европските градови. Дебата во која културата не е периферија, туку двигател на урбаниот развој, институционалната трансформација и на долгорочните општествени промени.

  • „Скопје, почитувани, е град што многупати бил разурнуван, но никогаш поразен. Град што од трагедиите создавал нова сила. Град што од прекините создавал нов почеток. Затоа со право го носи епитетот град на меѓународната солидарност. Токму затоа, Скопје 2028 мора да биде повеќе од културна програма. Тоа е сеопфатна трансформација. Тоа е урбана, социјална, образовна и развојна програма. Процес во кој културата не е украс, туку темел врз кој се гради иднината на градот“, порача тој.

Ќе работиме, вети Ѓорѓиевски, културата да стане вистинска јавна инфраструктура – стабилна, достапна и рамномерно развиена низ целиот град.

  • „Не само преку големи институции, туку и преку локални културни центри, квартовски библиотеки, мали сцени, младински хабови и простори за заедничко создавање. Ќе го градиме урбаниот идентитет на Скопје од неговата автентичност – од модернистичкото наследство, од Старата чаршија, од различностите, од живата мултикултурност, од колективната меморија и од креативната енергија на неговите граѓани. Идентитетот не се наметнува. Тој се создава заедно“, вети градоначалникот.

Ќе ја поврземе културата со квалитетот на живеење, нагласи тој, затоа што вистински добар град е оној во кој луѓето сакаат да останат.

  • „Град во кој јавните простори се живи, безбедни, зелени и креативни. Град во кој културата е дел од секојдневието. Ќе ги поврземе културата и економијата како инвестиција во иднината. Во креативните индустрии, во туризмот, во младите, во новите идеи.Во економија што создава вредност, но и задржува луѓе. Ќе го разбереме јавниот простор како културен простор. Нашите улици, плоштади, паркови и кејови ќе станат сцени на живот, уметност и заедништво“, вели Ѓорѓиевски.

Европските искуства ни покажуваат дека културата има моќ да менува градови. Скопје има нешто уште поважно, има дух што знае да се обнови и да оди напред, додаде тој.

  • „Нашата задача е да го прочитаме градот внимателно. Да ги поврземе неговите фрагменти. Да го споиме наследството со современоста. Да ја поврземе локалната приказна со европската перспектива.Скопје 2028 е пресвртница! Трансформација! Момент кога културата ќе ја вратиме во срцето на урбаната политика. Момент кога ќе покажеме дека идентитетот се гради со визија, работа и со посветеност. Момент кога солидарноста ќе ја претвориме во алатка за иднината. Скопје не е град што само се сеќава. Скопје е град што создава. Да изградиме град што поврзува. Град што создава вредност. Град што инспирира. Тоа е нашата одговорност. Тоа е нашата визија. И тоа е нашето Скопје“, објави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски по меѓународната конференција во пресрет на „Скопје 2028“.

Најнови вести од: Македонија

Ѓорге Иванов: Секоја генерација има своја борба, нашата е за подостоинствен живот во Македонија

Поранешниот претседател на Македонија, Ѓорге Иванов, упати честитка по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, порачувајќи дека единството, истрајноста и заедничката цел се темелите врз кои треба да се гради иднината на државата. Иванов потсети дека со формирањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година, шестмината основачи ја поставиле основата за остварување […]

На Денот на македонската револуционерна борба порака од Кос: Направете ги уставните измени, исполнете ја вашата обврска!

Уставните измени се чекорот што треба да го направи земјава за да продолжи евроинтегративниот процес без дополнителни политички одлуки, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос по денешната тет-а-тет средба во Брисел со вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали.

СВР Тетово: Се преземаат мерки за спречување меѓуетничка нетрпеливост кај младите

Секторот за внатрешни работи Тетово ја информира јавноста во врска со видео материјалите кои се споделени во дел од социјалните мрежи, а се однесуваат на синоќешниот инцидент во кој беа вмешани неколку малолетни лица, дека синоќа тие малолетници се обиделе да проверат кај две 11-годишни деца дали нивната облека содржи обележја на навивачка група, при што изреагирале случајни минувачи и не дошло до физички контакт.

Мицкоски: Над 1200 градилишта низ РМ, вложуваме во автопати, железница, образование и инфраструктура! – Јавните функционери да ја оправдаат дадената обврска!

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата во изминатите две години работи на реализација на голем број инфраструктурни и развојни проекти, посочувајќи дека низ државата има повеќе од 1.200 активни градилишта и проекти.

Мицкоски: Никогаш нема да отстапам од интересите на мојот македонски народ! – Гоце е вткаен во нашето постоење, тој е Македонија!

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека нема да отстапи од, како што рече, интересите на македонскиот народ, нагласувајќи дека европската иднина на државата треба да се гради со мудрост, реформи и зачувување на националното достоинство.

Муцунски: Наша обврска е да градиме силна и меѓународно почитувана држава, чувајќи ги идеалите со достоинство

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Тимчо Муцунски, денеска во Скопје ја предводеше владината делегација која положи цвеќе пред Споменикот на основачите на ВМРО, по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

Мицкоски: Свои на своето и со крената глава! – Со корен во минатото и со верба во иднината, ќе успееме!

„На 23 Октомври, покрај гордоста, треба да почувствуваме и одговорност. Да застанеме пред нивниот спомен, да се поклониме и искрено да се запрашаме: што правиме ние со слободата, за која тие се бореа, за која тие живееја и за која тие ги положуваа своите животи? Каква држава им оставаме на оние што доаѓаат по нас?“ – нагласи претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски на денешната свечена академија, која се одржа под мотото „Свои на своето!“ по повод Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври.

Најнови вести

To top