Во јавноста се појавија информации за сериозен случај на сексуално насилство, силување и уценување на над 120 деца на возраст од 13 до 17 години, кои наводно се случувале во текот на 2025 година во Република Македонија.
Според достапните информации, станува збор за повеќе пријавени кривични дела против едно или повеќе лица, кои вклучуваат тешки форми на сексуално злосторство врз малолетници.
Овој случај повторно ја актуализира загрижувачката состојба со сексуалното насилство врз деца во земјава. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во периодот од 2020 до 2024 година пријавени се 508 случаи на сексуално насилство и вознемирување врз деца.
Надлежните институции – Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство – засега не објавија официјално соопштение во врска со овој конкретен случај. Од истражните органи се очекува да спроведат брза, темелна и транспарентна истрага, со целосна заштита на идентитетот и безбедноста на жртвите, како и соодветно постапување согласно одредбите од Кривичниот законик.
Сексуалното насилство врз деца претставува едно од најтешките кривични дела, кое остава длабоки и трајни последици врз психичкото и физичкото здравје на жртвите.
Јавноста и граѓанските организации бараат поголема транспарентност од институциите, како и ефикасни системски мерки за превенција и заштита на малолетниците од вакви злосторства.