Македонија

ИСОС повторно ја обедини професијата од регионот: Сметководството преминува од бројки кон влијание

„Генерација со визија – Професија со иднина“

Над 1000 сметководители и овластени сметководители од земјава и регионот, претставници на релевантни домашни институции и меѓународни организации, од академската заедница и деловниот сектор од земјава, како и студенти и средношколци, учествуваат на Третата регионална конференција, во организација на Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС).

Програмата на годинешната конференција, која се одржува под мотото „Генерација со визија – Професија со иднина“, вклучува повеќе панел-дискусии и тематски сесии, а фокусот е ставен на трансформацијата на професијата во услови на засилена дигитализација, новите регулаторни барања и зголемена потреба од доверба и транспарентност.

Посебен акцент ќе биде ставен на улогата на младите како двигатели на идните промени во професијата. Конференцијата беше отворена од претседателката на ИСОС, Весна Прентоска и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, што претставува своевидна потврда за стратешката важност на сметководствената професија за целокупниот економски, социјален и општествен развој на земјата.

„Сметководството денес не е само професија што регистрира бројки. Тоа е професија што создава доверба, поддржува донесување здрави одлуки и директно влијае врз економските текови. Со оваа конференција ја продолжуваме дискусијата за иднината на професијата, која им припаѓа на младите и мора да биде дигитална, етичка, да се темели на стандарди и да биде ориентирана кон создавање дополнителна вредност. Нашата цел е да изградиме генерација на професионалци кои ќе имаат капацитет не само да одговорат на предизвиците, туку и да ја водат трансформацијата“, истакна претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, се осврна на значењето на дигитализацијата за натамошната модернизација на професијата.

„Дигитализацијата има вистинска вредност само тогаш кога граѓаните и компаниите ќе ја почувствуваат во секојдневието. Кога една услуга ќе се заврши побрзо. Кога нема да се бара документ што веќе постои во друга институција. Кога сметководителот ќе има повеќе време за анализа и советување, а помалку време за административни формалности. Кога компанијата ќе може да се фокусира на раст, наместо на бирократски лавиринти“, изјави министерот Андоновски. „Како професија што создава доверба, обезбедува финансиска дисциплина, помага во носење исправни деловни одлуки и има директно влијание врз стабилноста и развојот на економијата, дигиталната трансформација на сметководството преставува суштинска тема за иднината на компаниите, за ефикасноста на институциите и за конкурентноста на целата економија“, дециден е министерот.

Во рамки на Конференцијата беше потпишан и Меморандум за соработка помеѓу ИСОС и Стопанската комора на Македонија, со кој се воспоставува рамка за долгорочна и систематска соработка меѓу двете организации. Документот што го потпишаа претседателите на двете организации – Весна Прентоска и Бранко Азески – ги содржи општите начела и начини на оваа соработка, која треба да придонесе за натамошно унапредување на квалитетот и транспарентноста на финансиското известување и поддршка на компаниите во примената на домашната и меѓународната регулатива во оваа област, како и за зајакнување на врските помеѓу сметководствената професија и бизнис- заедницата, со крајна цел подобрување на деловната клима и зголемување на довербата на инвеститорите.

Инаку, програмата на Конференцијата опфаќа повеќе панел-дискусии и тематски сесии посветени на усогласувањето на финансиското известување со меѓународните стандарди, улогата на дигитализацијата и вештачката интелигенција, како и трансформацијата на професијата, од оперативна кон стратешка функција. 2 Посебен панел е посветен на регионалната соработка и заедничките предизвици со кои се соочува професијата во регионот, при што претставници на професионални организации од повеќе земји дискутираа за идните насоки на развој и потребата од заеднички пристап кон клучните прашања кои ја засегаат сметководствената професија и отвораат нови перспективи за соработка.

Конференцијата вклучува и „еден-на-еден“ сесии со претставници на Меѓународната федерација на сметководители (IFAC) и CFE Tax Advisors Europe, со фокус на глобалните трендови и европските регулативи во областа, како и Саем за дигитализација, каде се презентирани современи софтверски решенија и алатки кои ја менуваат секојдневната практика на сметководителите.

Особено внимание на Конференцијата е посветено на младите, преку одржување на подкаст сесија „Повеќе од само бројки“, која ја отвори дискусијата за новите вештини, очекувања и можности за новата генерација сметководители, како и нивната улога во трансформацијата на професијата.

Со одржувањето на третото издание на оваа Конференција, ИСОС уште еднаш ја потврди својата позиција како водечка професионална организација и клучен двигател на развојот, модернизацијата и меѓународната афирмација на сметководствената професија, со јасен фокус на иднината, дигиталната трансформација и градењето доверба во финансиското известување.

Најнови вести од: Македонија

Започна отстранувањето на над 200 хаварисани и напуштени возила во Чаир

Општина Чаир денеска започна акциски процес за отстранување на над 200 хаварисани и напуштени возила од јавните површини на територијата на општината, со цел ослободување на паркинг-просторот и подобрување на урбаниот ред.

УНИБанка: Максимален принос за минимално време – депозит на 6 месеци, камата 2%

УНИБанка со нова понуда за штедење во евра. Изберете рочност која ви одговара и започнете да заработувате од вашите слободни средства. „Депозит Фикс во евра“ со кратки рочности од 3, 6 или 12 месеци и атрактивна каматна стапка до 2,10%

Македонија меѓу првите во регионот ќе добие пристап до „роаминг како дома“ во ЕУ

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски очекува Македонија да биде меѓу првите држави на која ќе и биде овозможен роаминг без дополнителни трошоци во ЕУ. Добри вести очекува на Самитот ЕУ-Западен Балкан којшто ќе се одржи на почетокот на јуни во Подгорица. Смета дека ќе биде меѓу првите држави со кои Европската Унија ќе потпише договор за т.н. роаминг како дома.

To top