Македонија

Берсе ја информираше Сиљановска-Давкова дека Советот на Европа работи на спроведување на пресудите на Судот во Стразбур

Пресудите на Судот во Стразбур тема на разговорите меѓу претседателката и генералниот секретар на Советот на Европа

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска остварила средба со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, кој престојува во официјална посета на земјава, објави кабинетот на шефицата на државата.

Во разговорот таа ја истакнала улогата на Советот на Европа, како најстара европска институција, којашто повеќе од седум децении ги унапредува демократијата, човековите права и владеењето на правото, како темелни вредности.

Според претседателката, ,,Новиот демократски пакт за Европа” претставува важен чекор кон обновување на довербата во институциите и зајакнување на демократската отпорност, во услови на длабоки политички, безбедносни и технолошки промени.

Сиљановска-Давкова посочи дека развојот на дигиталните технологии и вештачката интелигенција отвора нови предизвици поврзани со заштитата на човековите права, приватноста и демократските вредности. Од овие причини, го поздрави потпишувањето на Рамковната конвенција за вештачка интелигенција и човекови права, демократија и владеење на правото, со што државата се вброи меѓу првите земји потписнички.

За неа, одлуката за затворање на постмониторинг дијалогот со земјава е значајно институционално признание за напредокот во реформите врзани за владеењето на правото, независноста на правосудството и борбата против корупцијата.

Македонската претседателка, која има тридецениско искуство во телата на Советот на Европа, потсети дека државата активно ги спроведува европските реформи и останува меѓу најусогласените кандидати со aquis communautaire и предупреди дека билатерализацијата на пристапниот процес го поткопува концептот на проширување заснован врз Копенхашките критериуми.

Исто така, таа укажа на неспроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур од страна на одделни земји-членки, нагласувајќи дека прашањата поврзани со правото на здружување, идентитет и самоопределување не се билатерални, туку европски прашања што се однесуваат на основните права и слободи гарантирани со Европската конвенција за човекови права.

Генералниот секретар Берсе посочи дека фрустрациите кај земјите кандидатки поради застојот во процесот на проширување можат да создадат негативни политички тенденции и нагласи дека е неопходна нова динамика, особено во регионот на Западен Балкан.

Осврнувајќи се на Европскиот суд за човекови права, Берсе истакна дека Советот на Европа работи на механизми за поефикасна и побрза имплементација на судските пресуди за да се обезбеди нивно суштинско, а не симболично спроведување.

Обајцата изразија подготвеност за интензивирање на соработката, во пресрет на македонското претседавање со Комитетот на министрите на Советот на Европа во периодот 2027–2028 година, се вели во соопштението.

Најнови вести од: Македонија

(Фото): Камениот мост ќе заблеска со декоративно осветлување

Првиот човек на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, одржа состанок со својот турски колега од општината Есенлер, Мехмед Тевфик Ѓоксу. Главна тема на нивниот разговор бил неодамнешниот договор преку кој се планира поставување ново архитектонско и декоративно осветлување на Камениот мост.

Тошковски: Го одложуваме новиот Закон за внатрешни работи за СДСМ да остане и без последното алиби за изборниот дебакл што ги очекува

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во вечерашното гостување во емисијата „За или против“ на ТВ Алфа најави дека ќе предложи до пратениците во Собранието одложување на примената на новиот Закон за внатрешни работи и измените на Законот за полиција, со цел тие да стапат во сила по завршување на следниот изборен процес

Традиционално моштите на Свети Георгиј Победоносец во литија ја осветија Струга

По завршувањето на Литијата во дворот на храмот верниците повторно имаа можност да се поклонат пред моштите и чудотворната икона на светителот, а беше приредена и културно уметничка програма

Ѓорѓиевски: Камениот мост во срцето на Скопје добива нов сјај

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски денеска остварил средба со градоначалникот на Есенлер Мехмед Тевфик Ѓоксу, на која меѓудругото разговарале неодамна потпишаниот Протокол за соработка, кој се однесува на имплементација на проектот за декоративно и архитектонско осветлување на Камениот мост

(Видео): Пропаѓа ли викенд-туризмот кон Грција?!

Пресметавме дека тоа се некаде околу 250.000 туристи. Тоа се истите туристи кои што одат викенд четврток – недела или петок – понеделник во Грција и тие ќе бидат засегнати со овој систем. Другите кои имаат свои куќи, станови, приколки, тие секако ќе одат и ако треба ќе чекаат и по повеќе часови и ќе поминат граница – рече Керим.

To top