Спорт

Ладен туш за ракометарите во Грција: Македонија претрпе тежок пораз во квалификациите

Црвено-жолтите се спасуваа од дебакл во финишот откако домаќините имаа и предност од девет гола

Македонската ракометна репрезентација под водство на селекторот Кирил Лазаров претрпе убедлив пораз на гостувањето против Грција со 29:24 (16:9), во рамките на квалификациите за пласман на Европското првенство.

Натпреварот започна во знакот на домаќините, кои брзо ја презедоа контролата на теренот. Грција отвори со водство од 5:2, а иако Македонија успеа кратко да се врати на гол негатива, домашната селекција со две серии од 3:0 пред крајот на првото полувреме стекна висока предност од седум гола разлика (16:9).

Во првиот дел ништо не функционираше во играта на нашиот национален тим – нападот се мачеше против цврстата грчка одбрана, додека во одбраната единствена светла точка беше голманот Мартин Томовски, кој со своите одбрани спречи уште поголема катастрофа. Грците премногу лесно доаѓаа до позиции за шут од девет метри и рутински ја одржуваа предноста во вториот дел.

Во 52. минута домаќините стигнаа до максимални девет гола предност (29:20), по што се појави сериозна загриѓеност од целосен дебакл. Сепак, во последните осум минути македонските ракометари го одиграа најдоброто издание на мечот, со серија голови успеаја да го ублажат поразот и да извлечат попристојни 29:24.

Најефикасни во редовите на Македонија беа Филип Кузмановски и Никола Костески со по седум голови, додека голманот Томовски натпреварот го заврши со 11 интервенции.

Најнови вести од: Спорт

Шпански фудбалер почина откако доби удар со колено од противничкиот голман (ВИДЕО)

Голманот на Андора, Хесус Овоно, истрча далеку од својот гол за да ја пресече акцијата, и во обидот да интервенира, ја крена ногата и силно го удри Де Мигел со коленото, по што тој падна на теренот и ја изгуби свест

To top