Со реконструкцијата беа опфатени седум специјализирани операциони сали во Градската општа болница „8 Септември“ , одделите за интензивна нега и за патологија, административни кацеларии, покривната конструкција, клиничките лаборатории и придружните простории.
„Целосно се реконструирани оперативниот блок, интензивната нега, патологијата, клиничката лабораторија и кровната конструкција на болницата „8-ми Септември“, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, кој денеска беше во посета на болницата. Тој најави дека реновираниот дел ќе биде пуштен во употреба за месец до два, кога ќе се заврши со дезинфицирање на објектот и обука на вработените со новата опрема којашто веќе е инсталирана.
„Она кое што сакам исто така да го кажам, а коешто можеби е значајно да се каже, е дека пред да се случи оваа реконструкција на овој објект, во овие операциони сали се влегуваше со чадор. Сигурно ќе поставите прашањето: Како со чадор? Кога врнеше, прокиснуваше, односно кровот течеше. Тоа што вие сега не можете да го видите, а коешто исто така опфаќа дел од оваа реконструкција, е целосното реконструирање на кровната конструкција, каде што се сместени клима-коморите коишто обезбедуваат третиран воздух, кондициониран со сите параметри — физички, влажност, чистота, притисок итн. Но, исто така, и оној дел каде што се практично сместени и чилерите и другата електромеханичка опрема, којашто е во подножјето на објектот“, рече Мицкоски.
Тој посака овие сали да се користат што помалку, односно да има помалку пациенти.
„Им посакувам да го користат што помалку — тоа значи што помалку пациенти. Но тие пациенти, коишто ќе имаат потреба од медицинска нега и од интервенција на медицинските работници, лекарите, да се чувствуваат комотно, да се чувствуваат пристојно овде во овие реновирани простории“, рече премиерот.
Реновирањето е инвестиција на ТАВ Аеродроми, а директорот на ТАВ Македонија Неџат Курт рече дека вкупната површина на реконструкцијата опфаќа 4.334 квадратни метри. Сега има седум специјализирани операциони сали коишто опфаќаат површина од 634 метри квадратни, потоа оддел за интензивна нега со површина од 460 метри квадратни, административни канцеларии со површина од 620 метри квадратни, реконструирана кровна конструкција која опфаќа површина од 1.820 метри квадратни, потоа одделот за патологија и клиничките лаборатории кои опфаќаат површина од 800 метри квадратни, како и придружните простории на одделението.