Македонија

Муцунски ја повика опозицијата на конструктивност и најави историски висока исплата на средства

Муцунски информираше дека во следниот период се очекува историски висока исплата на средства за државата во рамки на овој механизам

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на денешната прес-конференција во Владата порача дека членството во Европската Унија останува стратешка цел на државата и еден од клучните столбови на македонската надворешна политика, нагласувајќи дека европската интеграција бара сериозност, одговорност и национален консензус околу најважните државни прашања.

„Но исто така, мора да бидеме искрени и кон себе и кон граѓаните – европската интеграција не може да биде успешна без сериозност, без одговорност и без минимум национален консензус околу најважните државни прашања“, истакна министерот Муцунски.

Тој порача дека европската интеграција не смее да биде предмет на дневно-политички конфронтации, туку процес кој ја определува иднината на државата.

„Ова не е процес на една Влада. Ова не е процес на една политичка партија. Ова е процес што ја определува иднината на државата“, нагласи Муцунски.

Во своето обраќање, министерот повика на политички дијалог заснован на аргументи, институции и заемна почит, наместо на политички наративи кои, како што посочи, ја поткопуваат довербата во процесот.

Тој нагласи дека европската интеграција не е само политичка парола, туку процес што подразбира реформи, функционални институции, владеење на правото и независно правосудство, но и чувство на одговорност кон државата.

Во таа насока, министерот Муцунски упати повик до опозицијата да покаже зрелост и конструктивност и активно да се вклучи во реформите што се директно поврзани со европската агенда и Планот за раст на Европската Унија, особено во делот на Изборниот законик и правосудните закони.

„Затоа денес сакам јасно да упатам повик до опозицијата – да ја тргнеме дневната политика на страна кога станува збор за европската иднина и да покажеме зрелост и конструктивност околу реформите што се клучни за државата, особено за реформите што се директно поврзани со европската агенда и Планот за раст – пред сè Изборниот законик и правосудните закони“, истакна Муцунски.

„Не декларативна поддршка за Европа на прес-конференции, туку конкретна поддршка таму каде што навистина се носат одлуките – во институциите и во Собранието“, додаде министерот.

Министерот посочи дека станува збор за реформи кои директно влијаат врз кредибилитетот на државата, владеењето на правото и способноста на државата да ги користи можностите што ги отвора Европската Унија, предупредувајќи дека секое блокирање, одолговлекување или политизирање на овие процеси претставува удар врз европската перспектива на државата.

Воедно, тој нагласи дека Владата останува силно посветена на реформите, бидејќи тие, како што рече, не се важни само за Брисел, туку пред сè за македонските граѓани, за подобри институции, поголема правна сигурност, подобра економија и повеќе можности за младите.

Осврнувајќи се на Планот за раст на Европската Унија, министерот Муцунски информираше дека во следниот период се очекува историски висока исплата на средства за државата во рамки на овој механизам.

„Тоа е јасен сигнал дека европските институции го препознаваат нашиот реформски капацитет, сериозниот пристап и институционалната подготвеност“, нагласи министерот Муцунски.

На крајот од обраќањето, министерот порача дека европската иднина не се гради со политички поени и празни прес-конференции, туку со работа, реформи и чувство на одговорност кон државата и генерациите што доаѓаат.

Најнови вести од: Македонија

(Видео): Речиси целосно пробиена трасата на булеварот „Борис Трајковски“ кон Драчево

По долгогодишно чекање, булеварот „Борис Трајковски“ конечно добива решение, со што се исполнува едно од најважните инфраструктурни очекувања на жителите од овој дел на Скопје.

„Комунална хигиена“ со 12 милиони евра долгови и 60% од возилата расипани

Државната ревизија ја прочешла документацијата за 2024 година на Јавното претпријатие Комунална Хигиена Скопје. Според наодите на ревизорите компанијата има проблем со наплататата на нивната услуга, потоа забележано е нерационално управување со залихите, но констатирана е и намалена ликвидност.

Презирот на македонските херои кон смртта во битката на Ножот на 14.7.1907, една од највеличествените страници на македонската историја по Илинденското востание

„Никој не смее да ги допре и да ги нагрди хероите! Гледате ли како комитите ја презираат смртта? Се борат и умираат како херои!“ – со овие зборови мајорот Енвер-беј, кој командувал со многубројната турска војска во легендарната битка со македонските комити на 14 јули 1907 година на планинскиот врв Ножот кај прилепското село Ракле, им оддал почит на саможртвениците за слободата на Македонија и македонскиот народ. Тој трагичен јулски ден во 1907 година штамата завладеја на Ножот, откако последните преживеани македонски комити се самоубија со последните куршуми и со активираните бомби, кои им преостанаа, за да не паднат во рацете на турскиот аскер. Претходно прилепскиот градски окружен комитет и војводите им издале наредба да се повлечат од врвот. ,,Опфатени сме од оган, гориме и сме дошле да изгориме. Сакаме да умреме со достоинство. Нашето решение е неповратно.” – порачале 54-те македонски херои, одбивајќи да се повлечат, за да можат сите останати да заминат безбедно. Битката на Ножот е од најнерамноправните и најкрвавите битки во историјата на Македонија по Илинденското востание, но е и една од многуте во македонската национална историја на непокорот, буните и востанијата против поробителите.

To top