Македонија

Спомен-домот во Разловци повторно оживува – завршува ревитализацијата на објектот

Спомен-домот на Разловечкото востание, кое се смета за прво организирано востание на македонскиот народ за слобода

Искршени прозорци, оштетени скали, мувла и руинирани ходници — така до пред само неколку месеци изгледаше Спомен-домот на Разловечкото востание, кое се смета за прво организирано востание на македонскиот народ за слобода. Денеска сликата е поразлична, по завршената ревитализација на објектот.

Во селото каде пред век и половина била запалена искрата на националното ослободување, свеченоста за одбележување на 150-годишнината ќе се одржи во целосно обновен Спомен-дом, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за култура Зоран Љутков, како и повеќе министри и претставници на институциите. Тие ќе им оддадат почит на македонските востаници кои во 1876 година ги положиле своите животи за ослободување на татковината од османлиско ропство.

„И ќе сведочи за едно време, за еден настан што се случил пред еден век и половина и сведочи за македонштината и борбата за слобода, како и за првиот обид за формирање на македонска држава. Тоа е прво македонско востание на територијата на Македонија и најважно востание во државата коешто мора да се афирмира и да му се даде публицитет и дај Боже еден ден да стане државен празник“, изјави градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски.

Обновата на објектот е капитален проект од Годишната програма 2026 на Министерството за култура и туризам, вреден околу 21 милион денари. Со години објектот пропаѓал поради влага и оштетување, а дел од експонатите исчезнале.

„Се менува буквално сè. Најголем проблем кај овој објект беше дренажата, односно имаше влага, затоа и подот всушност беше толку руиниран. Од дренажа, до менување на покрив. Најголем проблем ни зададе барањето на соодветен покривен материјал кој веќе не се произведува, бидејќи овој објект е од 1981 година, односно почнат е во 1976 да се работи и азбестниот материјал, бидејќи е забранет, не можевме да го најдеме. Изведувачот буквално ја преора Европа да најдеме негов еквивалент. Материјалот го најдовме во Австрија“, изјави директорот на Националниот конзерваторски центар, Александар Јорданоски.

Под мотото „Искра за вечна слобода на македонскиот народ”, во Делчево цел месец со низа активности се одбележува век и половина од Разловечкото востание. Во рамки на програмата се организирани научни трибини, концерти, историски часови, ликовна колонија и литературни конкурси, а се промовира и поштенска марка посветена на 150-годишнината од Разловечкото востание.

 

Најнови вести од: Македонија

Богатото културно наследство на Македонија низ музејските поставки – Кога последен пат бевте во музеј?!

Минатото повторно оживува во „Музејот на Македонија“. Во срцето на старата скопска чаршија, меѓу артефакти стари илјадници години, посетителите ја откриваат приказната за македонското културно наследство.

Бериша: Точната адреса за студентските протести е пред седиштето на ДУИ во тетовска Мала Речица!

„Точната адреса на протестот за полагање на правосудниот испит е Мала Речица, кај Тетово, протестите на погрешна адреса не ја постигнуваат целта! Да, студентите денес апсолутно имаат право да протестираат, но не и политичарите, кои не ја почитуваа и ја спречуваа демократијата!“ – реагира остро политичкиот аналитичар и новинар во Албанската редакција на Македонската Радио и Телевизија Ејуп Бериша во врска со денешниот протест на студентите-Албанци во Скопје.

To top