Натаму, покрај другото Теодосиевски пишува: Таквите политиканти со закречени соцреалистички умови залегнаа во државава уште од онаа 1992 година. Најлошиот отпад преку ноќ стана „државотворен“. Но само кога тоа беше вносно, на пример како во времето на ајдучката приватизација. Кога ќе дојдеа во тесно, во таканаречени „волнени времиња“, тогаш сакаа да споделуваат, тогаш беа / бевме – сите. Најмногу во поглед на одговорноста! Сега тие ги продолжуваат истите „политики“ на „заедништво“ само кога имаат потреба од „народ“, од масовност, од „сите“… Тогаш доаѓа до израз колку всушност нѐ „сакаат“. Не нас, де, туку гласот.
Ечат токму со тонот како од онаа 1948: „Не сте поканети, ниту ќе ве поканиме. Фронтот на вистина и правда не е за приврзоци на ВМРО и сателити од типот на ЗНАМ и Левица – ЗНАМ верзија 2.0.“. Повторно непријатели, повторно предавници…, уште нов Голи оток им фали! И таму ќе го пратат „предводникот“, „бугарскиот стопанственик Максим Димитриевски“, вреска лидеро! Реномираниот хирург со тапија на бугарски стопанственик – барем како што вели власта а тој ни збор да каже да демантира! – обвинува други за истото „злосторство“! Толку брутално соцреалистички.
Најцрн соцреализам претставува и лековерноста и глупоста на „лекцијата“ на оној „меѓународнион“ на „партијата“, што глуми наследник на СКМ кој, мислејќи дека начекал миг кога да одржи патриотски час, се впушта во „анализа“ на некаков митинг за поддршка на Вучиќ во Куманово и околу тоа разврзува приказна недостојна ни за првоодделенец. Зашто, прво, подметнува дека македонската Влада има некаква врска со митингот, па ги вмешува Мицковски, Муцунски, по нив и Радев и македонските „бугари“, па ги изедначува политиките на Србија и бугарија (малите букви се…) кон Македонија, па… Човеков нема не само усул и мерка, па тој е најтемна соцреалистичка табула раза!
Еднакво и на оној „Безбедносен форум“ во Атина, каде единствен претставник од Македонија бил – Бујар Османи. И тој, во нечие име, поддржувал некакви предлози на оној Мерц – таканаречен нон-пејпер на Мерц – во однос на постепената интеграција во еу (малите букви се…)!
Господ да чува и да брани од вакви соцреалистички шарлатани, заклучува колумнистот.