Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, утре ќе престојува во официјална посета на земјата. Една од главните теми што се очекува да бидат дискутирани на средбите е и прашањето со Бугарија. Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски изјави дека позициите на државата се засновани на јасни принципи, нагласувајќи дека како што Бугарија има очекувања од нашата земја, така и Македонија има свои очекувања.
Шефот на македонската димпломатија Тимчо Муцунски вели дека Владата останува на своите позиции за гаранции дека кон земјава веќе нема да има барања поврзани со историјата, идентитетот и културата на македонскиот народ од страна Бугарија во процесот на пристапните преговори за членство во Европската Унија. На ова, дополнително, се надоврзува и инстирањето на македонската страна официјална Софија да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбир во врска со македонското малцинство во Бугарија.
Муцунски денеска ова го кажа одговарајќи на новинарски прашања за очекувањата што македонската влада ги има од утрешната посета на земјава на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој денеска ја започна својата турнеја низ земјите од Западен Балкан, а која доаѓа во пресрет на Самитот на држави од овој регион што кон крајот на неделата треба да се одржи во Тиват, Црна Гора.
Спорот со Бугарија, како што наведе министерот, со сигурност ќе биде една од темите на разговори со претседателот на Европскиот совет, кој, соред Муцунски, досега бил проактивен чинител и имал неколку обиди да помогне да се дојде до решение. Прашан дали на маса ќе има некаков нон-пејпер, шефот на македонската дипломатија рече дека во моментот се разговара за идеи кои треба да доведат до достоинствено решение, што, како што рече, не било случај кога за ова прашање одлуките ги носела пртетходната владата.
- „Знаете добро и тоа неколкупати сме го дискутирале, дека идеите доколку јавно ги презентираме, веднаш нема да имаат ефект. Имаме дискусија којашто трае од моментот на формирањето на оваа влада. Ние сме свесни дека има збор за кој треба да има достоинствено решение. Разликата меѓу нас и нашите претходници е што ние го ставаме тој збор ‘достоинство’ пред зборот ‘решение’, не решение да има по секоја цена, и во таа смисла повеќе идеи се споделени, нон-пејпер не постои, постојат идеи, се споделуваат со претставниците на Европската Унија, со претставниците на земјите членки, но сите идеи се во рамките на тие принципиелни очекувања, кои ние како држава ги имаме“, рече Муцунски.
Примарното очекување на Владата во Скопје, рече шефот на дипломатијата, е да се постават јасни институционални гаранции дека ова ќе биде последната пречка од билатерален карактер за Македонија и второто прашање за кое се дискутира е непримената на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) од страна на соседна Бугарија, а кои се поврзани со малцински права во, како што кажа, една држава која е земја членка на Европската Унија. Одговарајќи на дополнително прашање за тоа дали и бугарската страна е запознаена со нашите позиции, Муцунски рече дека на својата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова, за време на нивната прва средба пред десетина дена во Хелсинборг, Шведска, „прилично јасно ѝ ги кажал македонските позиции“.
- „Идеите се дел од позициите. Кажав дека ако Бугарија има очекувања од нас, секако и ние имаме очекувања од Бугарија, бидејќи како што многу пати имаме кажано – ова не е еднонасочна улица. Бидејќи ја слушнав колешката дека зборуваше за барање решение, ние сме тие кои бараме решение, ние сме тие проактивните, но истовремено треба да има свест во Софија за одговорноста кон регионалната безбедност, спрема регионалната стабилност“, рече Муцунски.
Надоврзувајќи се во одговорот, однесувањето на Софија кон ова прашање тој го оцени како неодговорно.
- „Односот на Софија кон ова прашање во моментот е однос на неодговорност и негрижа. Ќе повторам, ние сме земји членки на НАТО и сме партнери во Алијансата, навистина е невидено во ова време партнери во Алијансата да си поставуваат таков тип на препреки едни спрема други. Јас ја повикувам Софија да погледне малку кон себе, да биде поодговорна кон регионалните процеси, коишто се и геополитички значајни“, рече Муцунски.