Бугарија продолжува со политиката на вето и го блокира усвојувањето на Акцискиот план за правата на малцинствата во Советот на Европа, со што создава нова пречка за отворање на првиот кластер во преговорите со Европската унија.
Иако документот е изработен од македонската влада во соработка со експерти на Европската комисија и доби зелено светло од 26 од 27 земји-членки на ЕУ, Бугарија повторно се исправи на патот на Северна Македонија.
Премиерот Христијан Мицкоски на денешниот брифинг изјави дека не е јасно зошто Бугарија го блокира планот, наведувајќи дека неофицијално станува збор за истата „една земја“ која блокира и други иницијативи, како што е „Трите мориња“.
„Кога би знаел да ви кажам, ќе ви дадев одговор“, одговорил Мицкоски на прашањето што конкретно Бугарија бара од Акцискиот план.
Оваа нова блокада доаѓа дополнително на веќе постоечките барања за уставни измени и впишување на Бугарите како државотворен народ.
Според информациите, дури и доколку Собранието ги донесе уставните измени, без усвоен Акциски план Македонија сепак нема да може да го отвори првиот кластер на преговори.
На вчерашниот самит ЕУ – Западен Балкан во Тиват, Мицкоски се сретна со лидерите на Германија и Франција, Фридрих Мерц и Емануел Макрон, од кои вели дека добил одговори на дел од дилемите, но детали не откри. Со бугарскиот претседател Румен Радев само се поздравил.
Од опозициската СДСМ, лидерот Венко Филипче оцени дека самитот испратил јасна позитивна порака за иднината на регионот во ЕУ и ги повика властите да престанат со „лажните кампањи“ дека Европа не нè сака, велејќи дека повеќе немаат изговори за блокадата.
Со ова, Бугарија повторно демонстрира дека нејзините услови за македонскиот евроинтеграциски пат се движат далеку надвор од уставните измени и дека секој нов чекор од македонска страна може да биде предмет на дополнително блокирање.