Еден од најзначајните чувари на македонскиот културен и јазичен идентитет, делото „Зборник на браќата Миладиновци“, одбележува 165 години од објавувањето. Ова дело, кое претставува богатство од песни и традиции, е еден од основните и најважни темели на македонското народно творештво.
„Браќата Миладиновци се основните столбови на кои се потпираат културното наследство и македонскиот јазик. Тие го собирале творештвото од многу човечки приказни и мудроста, историјата на еден народ, во време кога националниот идентитет се пренесувал преку зборот.“
Во времиња кога често се отвораат дебати за македонскиот јазик и идентитет, ваквите дела имаат уште поголемо значење бидејќи претставуваат сведоштво за националниот тестамент на еден народ, кое не смееме да дозволиме да избледи ниту од неговата, ниту од сечија меморија.
„Зборникот е капитално и епохално дело за нас, Македонците, и ние треба да бидеме горди што имаме таква книга пред нас и што нашите предци, браќата Константин и Димитар Миладинов, ја оставиле како наследство.“
Јубилејот од објавувањето на Зборникот беше одбележан со културно-уметничка програма во Градската библиотека која го носи името на овие преродбеници.