Стевчо Јакимовски, кому Апелацискиот суд му ја потврди затворската казна од една година за бесправно градење додека беше градоначалник на Општина Карпош, порача дека пресудата била политичка и оти ќе ја обжалел на Врховен суд.
Тезата на лидерот на ГРОМ е дека „овој диктаторски режим“ решил на овој начин да го оневозможи да с екандидира на евентуални предвремени избори во Карпош ако избраниот градоначалник Сотир Лукровски не се врати на функцијата од боледување.
„Ова е само уште еден доказ дека ние во моментов имаме диктаторски режим кој со своите политички противници се пресметува преку највиталните институции, а тоа се Обвинителството и Судот, и искрен да бидам јас очекувам вакви и слични работи оти тоа е единствениот начин на кој тие можат да се справат со мене“, изјави тој пред новинарите.
Од Апелацискиот суд, пак, денеска информираа дека, во изречената казна на Јакимовски ќе му биде пресметано и времето поминато во куќен притвор во периодот од 19 март до 15 август 2019 година, што значи дека му остануваат за издржување уште околу седум месеци во Казнено-поправната установа во Шуто Оризари.
Истовремено, Судот ја уважи неговата жалба за делот од обвинението за злоупотреба на службена положба и овластување, поради што предметот за тој дел се враќа на повторно судење.