Македонија

Јакимовски по петти пат ќе се кандидира за градоначалник на Општина Карпош

Има тројца противкандидати

Стевчо Јакимовски, актуелниот градоначалник на Општина Карпош и лидер на партијата Граѓанска опција за Македонија-ГРОМ, денеска најави дека повторно се кандидира за градоначалничката функција на Локалните избори на 19 октомври.

„Денеска официјално ја најавувам мојата кандидатура за градоначалник на Општина Карпош. Повторно ја барам вашата доверба – заедно да продолжиме таму каде што застанавме и да го направиме Карпош уште посилна и поуредна општина. Карпош не само што ги решава тековните проблеми, туку живее иднина што другите општини ќе ја чекаат уште најмалку една деценија. Почнавме од ист старт – од нула – но денес Карпош е далеку пред сите, со решени основни проблеми и со амбиција да гради за иднината.Во следниот мандат продолжуваме уште посилно – со изградба на катни гаражи и решено паркирање, со нов пензионерски дом, со повеќе зеленило и уште поголема поддршка за младите и највозрасните. Јас не сум послушник на големите партии. Јас сум вашиот пријател – вашиот Стевчо. Секој од вас го има мојот број и знае дека сум секогаш достапен“, објави Јакимовски на својот официјален фејсбук профил.

Јакимовски досега бил градоначалник во 4 мандати, од 2000–2003 како кандидат на Либерално-демократската партија, од 2009–2017 два мандата како како кандидат на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и од 2021 досега како лидер на ГРОМ.

Лани, на Претседателските избори 2024, беше и кандидат за претседател и освои само 8.013 гласови, од кои 2.143 гласови во Општина Карпош, односно помалку гласови од бројот на потписи за претседателска кандидатура, зад која му се потпишаа 10.000 граѓани.

Во април годинава, Јакимовски е осуден на три и пол години единствена казна затвор, по обвинение за две кривични дела: бесправна градба на новата општинска зграда и злоупотреба на службената положба и овластувањата. Според обвинението од август 2018, градоначалникот Јакимовски дозволил објектот на Општина Карпош каде што е сместена општинската администрација да се изгради без одобрение за градба и без соодветно архитектонско-урбанистичка документација. Пресудата не е правосилна поради жалбената постапка.

Вчера, Јакимовски свечено ја предаде во употреба новата зграда на Општина Карпош, за чија изградба е осуден.

На 18 март 2024, додека беше претседателски кандидат, американскиот Стејт департмент го стави Јакимовски на црна листа, поради нивните дејствија со кои го поткопал владеењето на правото и довербата на јавноста во демократските институции. За Јакимовски во образлошението на Стејт департментот се вели дека „како градоначалник на Карпош бил вклучен во коруптивни дела, вклучувајќи искористување на неговата службена положба да се меша во урбанистичкото планирање и јавните набавки за корист лично за него и за неговите соработници“.

Докторката Маја Мојсова-Мијовска, која беше Национална координаторка за трансплантација, е кандидатка на СДСМ за градоначалничка на Општина Карпош, а Сотир Лукровски е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. За градоначалничка се кандидираше и Невена Георгиевска, актуелна советничка на граѓанската иницијатива „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“.

Најнови вести од: Македонија

Официјално: Поранешниот градоначалник на Карпош мора да се јави во затворот „Шутка“ најдоцна до 2 јули

Согласно законските процедури, судијата за извршување на санкции официјално му го достави упатниот акт на С.Ј., со што се утврдува обврската осудениот да ја издржи едногодишната затворска казна.

ВРЕДИ за „крокодилските солзи“ на Али Ахмети и ДУИ

ДУИ ја призна вината за правосудниот испит. Шефицата на пратеничката група на ДУИ, Рина Ајдари, со своја уста гхого кажа она што ВРЕДИ го кажува со месеци дека  ДУИ беше на власт, не му даде приоритет ниту на албанскиот јазик ниту на правосудниот испит

Мицкоски: Преферираме редовни избори во 2028, но сме подготвени за сите сценарија

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата и натаму ја преферира опцијата за редовни парламентарни избори во 2028 година, но нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена и за други можни политички сценарија.

Димитровски: Странските претставници ни велат дека нашиот проблем е опозицијата, која вели дека треба да се смени Уставот

Заменик-министерот за надворешни работи, Зоран Димитровски, оцени дека Македонија го има клучниот проблем да ги почне преговорите со Европската Унија, а тој проблем е билатерален и наметнат од Бугарија, иако Софија постојано тврди дека станува збор за работа со ЕУ.

To top