Македонија

Се тестираше градскиот воз: Од Маџари до центарот на Скопје за речиси пет минути

Од септември со градскиот воз побрз, поеколошки и поефикасен јавен транспорт. Првата линија, чија изградба треба да започне од 1 септември, ќе ги поврзе Зелениково, Драчево, Лисиче и Аеродром со Транспортниот центар и ќе биде реална алтернатива на сегашниот сообраќаен метеж… Од Маџари до центарот на Скопје за речиси пет минути со воз, наспроти значително подолго патување со автобус на истата релација. Вака изгледаше практичната споредба што денеска ја направија медиумите во рамките на конференцијата „Traffic for All – Skopje“, организирана од здружението „Go Green“. Учесниците најпрво патуваа со автобус на ЈСП од Карпош 4 до Маџари, по трасата предвидена за идниот брз автобуски превоз (БРТ), а потоа се префрлија на воз кој од Маџари до железничката станица во Скопје стигна за речиси пет минути. Во моментот кога возот пристигна на крајната дестинација, автобусот сè уште беше на пат.

Целта на настанот беше да се прикаже потенцијалот на јавниот превоз и да се укаже на придобивките од развојот на БРТ-системот и градскиот воз како решенија за побрза и поефикасна урбана мобилност. Експертот за одржлива урбана мобилност од „Go Green“, Дарко Арсовски-Петровски, истакна дека оваа активност е дел од третото издание на регионалната конференција „Traffic for All“, која годинава за првпат се одржува во Македонија. „Имавме можност да патуваме со ЈСП по трасата на идниот БРТ, а со градскиот воз стигнавме од Маџари до Скопје за експресно време од пет минути“, рече Арсовски-Петровски, додавајќи дека железничкиот превоз нуди значајни предности во услови на сè поголем сообраќаен метеж.

Директорката за пруги во ЈП Железничка инфраструктура – Скопје Ивана Бикоска, информираше дека проектот „Градски воз“ се реализира во три фази, а најнапредната делница е Зелениково – Скопје, каде што досега се завршени 90,88 проценти од градежните работи. Таа посочи дека рокот за пуштање во употреба на првата фаза останува 1 септември, но реализацијата ќе зависи и од обезбедувањето соодветен возен парк.

Директорот за патнички сообраќај, Горанчо Јовановски, изјави дека автобусите според возниот ред ја поминуваат оваа релација за околу 65 минути, додека железничкиот превоз има четирипати поголем капацитет и значително пократко време на патување. Според него, за стартот на градскиот воз веќе се обезбедени возни средства, а паралелно се водат постапки за набавка на нови композиции. Во почетната фаза, во утринските часови ќе сообраќаат два воза, а во текот на остатокот од денот по еден воз, сè до комплетирањето на возниот парк.

Во меѓувреме, жителите на Ново Лисиче повторно ја изразија својата загриженост поради планираната локација на последната станица и депото за БРТ, предупредувајќи дека проектот би можел да зафати дел од паркот „Рајска градина“. Тие ја поддржуваат идејата за подобар јавен превоз, но предлагаат алтернативно решение на блиско државно земјиште со цел да се зачува постојното зеленило.

Најнови вести од: Македонија

„Кармина Бурана“ на 20 јуни во Градскиот парк – бесплатен концерт под отворено небо

Традиционалниот концерт на Македонската филхармонија под отворено небо ќе се одржи на 20 јуни во Градскиот парк, со почеток во 21 часот, кога публиката ќе има можност бесплатно да ја проследи изведбата на музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, во изведба на здружените оркестри од Скопје, Софија и Солун

To top