Македонија

Државната ревизија откри сериозни слабости во работењето на енергетскиот преносен оператор АД МЕПСО

Сериозни системски слабости откри Државниот завод за ревизија во работењето на АД МЕПСО во 2024 година. Податоците од ревизорскиот извештај покажуваат дека се утврдени недоследности во сопственоста на далноводите, потоа откриени се неругуларности при вработувања, а за дел од потрошените пари по основ на инвестиции на државната компанија недостасувала соодветна документација.

Државниот завод за ревизија утврди низа слабости во управувањето со имотот, инвестициите и сметководствената евиденција во АД МЕПСО Скопје, и покрај растот на приходите и континуираните активности за усогласување на работењето со законските прописи. Во ревизијата на финансиските извештаи и ревизијата на усогласеност за 2024 година е наведено дека дел од електропреносната инфраструктура сѐ уште нема уреден правен статус, а за одреден имот недостасува точна сметководствена евиденција.

Од вкупно 112 далекуводи во преносната мрежа на МЕПСО, за 53 е запишано правото на сопственост во Агенцијата за катастар на недвижности, додека за 59 далекуводи друштвото не располага со имотни листови. Ревизорите посочуваат дека постапките за утврдување на правниот статус се сложени и долготрајни поради нерешени имотно-правни односи и големиот број локации.

Нерешени остануваат и имотно-правните прашања за 33 трафостаници кои се во заедничка сопственост на МЕПСО и ЕВН Македонија. За дел од нив како сосопственик е запишана само ЕВН Македонија, додека за други се водат постапки за регулирање на сопственичките права. Во 2025 година е формирана заедничка работна група која треба да го финализира процесот на уредување на сопственоста.

Ревизијата покажала и дека поради начинот на кој се води сметководствената евиденција на далекуводите и трафостаниците не може со сигурност да се утврдат нивниот број и вредност. Според ДЗР, ова има директно влијание врз пресметката на тарифата за пренос на електрична енергија, која се утврдува врз основа на финансиските податоци што ги доставува МЕПСО.

Дополнително, ревизорите утврдиле дека материјалните средства во подготовка не се правилно признати и евидентирани. Дел од нив се однесуваат на завршени проекти во вредност од над 1,2 милиони евра кои не се ставени во употреба, додека за средства во вредност од околу 19 милиони денари не може да се потврди нивната оправданост поради недостиг на документација.

Во извештајот се наведува дека поради ненавремено признавање на средствата не бил пресметан и признаен трошок за амортизација, што влијаело врз финансискиот резултат на друштвото. Дополнително, не биле евидентирани расходи по основ на отпишани средства во вредност од 16,4 милиони денари, како и амортизација за дел од новонабавените средства и инвестиции.

Ревизорите укажуваат и на проблеми во реализацијата на инвестициските проекти. Во изминатите 13 години МЕПСО реализирал значајни активности за изградба, реконструкција и модернизација на електропреносната мрежа, но степенот на реализација на дел од проектите се движи од само 9 до 62 проценти. Кај дел од проектите е забележано зголемување на вредноста на договорите, пролонгирање на роковите и раскинување на договори кои биле делумно реализирани.

Најголемо зголемување на вредноста е утврдено кај проектот „Ревитализација на 110 kV далекувод ТС Скопје 4 – ТС Велес“, каде што првично договорениот износ е зголемен за 51 процент или за околу 1,48 милиони евра, достигнувајќи вкупна вредност од 4,39 милиони евра.

Најнови вести од: Македонија

Од 1 јули строги правила за влез во ЕУ за комбиња и лесни камиони

Европските институции очекуваат новите мерки да придонесат за поефикасен надзор врз меѓународниот транспорт, подобра контрола на движењето на возилата и построго почитување на правилата за работното време на возачите.

Мицкоски: Соседна држава шири теза за запирање на европските фондови со цел да банкротираме и да прифатиме сè што се бара од нас

Премиерот не откри која соседна држава, членка на ЕУ, ја шири ваквата теза и додаде дека сознанијата доаѓаат од неговите неодамнешни мултилатерални и билатерални средби.

АД МЕПСО: Го прифаќаме извештајот на ДЗР и веќе спроведуваме мерки за отстранување на затекнатите слабости

Од АД МЕПСО соопштија дека ги прифаќаат наодите од Државниот завод за ревизија и веќе преземаат мерки за отстранување на утврдените слабости. Според МЕПСО, голем дел од забелешките се однесуваат на процеси, договори, инвестиции и имотно-правни прашања што се наталожувале со години, а дел од нив датираат уште од основањето на компанијата во 2004 година.

To top