Македонија

Фалсификувани фактури во Тутунскиот комбинат, штета од 1,4 милиони денари

Финансиски скандал во прилепскиот тутунски комбинат

Кривична пријава е поднесена против две лица и едно правно лице од Прилеп за продолжени кривични дела поврзани со злоупотреба на службена положба, фалсификување службена исправа и фалсификување или уништување деловни книги, при што, според полицијата, е нанесена штета од над 1,4 милиони денари.

Од ОВР Прилеп соопштија дека кривичната пријава е поднесена против Г.К. (46) и Л.К. (54), двајцата од Прилеп, како и против едно правно лице од истиот град.

Првопријавениот, во својство на финансиски директор во АД „Тутунски комбинат Прилеп“ – акционерско друштво со доминантен државен капитал, се сомничи дека во периодот од 2021 до крајот на 2024 година, во договор со второпријавениот, вршел злоупотреба на службената положба со цел да оствари противправна имотна корист за себе, второпријавениот и правното лице.

Според пријавата, биле примани невистинити фактури и испратници од правното лице, изготвени и заверени со печат од второпријавениот, за наводно извршени услуги кои реално не биле извршени и за кои немало потпис за прием.

Понатаму, првопријавениот, како што наведува полицијата, ги задолжувал службите во сметководството да ги евидентираат документите како обврски, по што тие биле повлекувани од книговодствената евиденција и одобрувани за исплата, иако не постоела реална основа за тоа.

Дополнително, од 31 мај 2023 година, исплатите на спорните фактури биле вршени преку сметка на друштвото на која првопријавениот бил единствен потписник, предвидена само за интервентни ситуации.

На тој начин, според полицијата, биле исплатени вкупно 1.439.573 денари, од кои 874.540 денари преку сметката со единечен потпис.

Најнови вести од: Македонија

„Граматиката“ на Блаже Конески од 1952 – силен научен противудар кон бугарско-грчките негирања на македонскиот јазик!

„Корените на нашиот денешен литературен јазик се впиваат во наследството на писменоста, што од векови наваму носи во Македонија самобитно јазично обележје.“ – има напишано, покрај другото, еден од архитектите на македонскиот национален идентитет и на македонскиот јазик Блаже Конески во уводот на својата „Граматика на македонскиот литературен јазик“, објавена на денешен ден, на 13 октомври 1952 година. Издавањето на ова дело е еден од најзначајните датуми не само во јазичната, туку и националната историја на македонскиот народ. Најголемиот пораз за негаторите на мајчиниот јазик на Македонците е фактот што „Граматиката“ веднаш добива меѓународен легитимитет од најугледните светски лингвистички умови и од светските славистички центри: таа е веднаш прифатена од водечките слависти во Франција (Андре Вајан), Русија, Германија и САД. Речиси истовремено со Конески американскиот професор од Универзитетот Харвард Хорас Лант ја објавува својата прва македонска граматика на англиски јазик .Светската наука уште во 50-тите години од минатиот век ја затвори расправата, која денес сѐ посилно, но и сѐ почајно особено Грција и Бугарија се обидуваат повторно да ја отворат со политички фалсификати.

To top