Македонија

Ѓорче Петров, жестокиот борец против врховизмот и великобугарските посегања кон Македонија, „земјата врз која се излеал сиот божји благослов“

Денеска се одбележуваат 105 години од убиството на Ѓорче Петров, еден од идеолозите на македонската револуционерна борба  за слобода на македонскиот народ и за создавање самостојна македонска држава. Поради своите чисто македонски позиции, Ѓорче Петров станал најнапаѓаниот член на ВМРО од страна на великобугарските врховисти. Неговиот став кон Бугарија и бугарската политика бил критичен – тој се борел за самостојна македонска ослободителна борба и остро се спротивставувал на бугарските врховистички обиди и мешања во внатрешните работи на Организацијата. Ѓорче Петров бил еден од авторите на Уставот на ТМОРО, чија цел била создавање самостојна македонско-одринска област. Тој бил жесток противник на бугарскиот Врховен комитет (врховистите), кој се обидувал да ја стави македонската револуционерна борба под контрола на официјална Софија. Во своето капитално дело „Материјали по изучувањето на Македонија“, тој ги отфрлил стремежите на соседните држави. За бугарските и српските пропагандни тврдења дека македонското население е бугарско, односно српско, тој јавно истакнал дека „тие докажувања не вредат ни луле тутун“. Во 1920-тите години дошол во сериозен политички судир со Тодор Александров. Ѓорче Петров бил убиен на 28 јуни 1921 година среде Софија, по налог на Тодор Александров, а атентатот го извршил Турчинот Реџеп.

Георги Петров Николов, попознат како Ѓорче Петров, бил професор, публицист, историчар и идеолог на Македонската револуционерна организација. Тој бил роден на 2 април 1865 година во Варош, Прилепско. Се школувал во Прилеп, Битола, Солун и во Пловдив. Бил учител во Штип, а како учител во Скопје соработувал со митрополитот Теодосиј Гологанов и ја поддржувал неговата идеја за возобновување на Охридската архиепископија. Бил професор и во Битола и во Егзархиската гимназија во Солун. Ѓорчев основал повеќе револуционерни групи и кружоци на МРО (Штип, Битола, Прилеп, Охрид, Крушево, Кичево, Ресен, Леринско и Костурско). Тој бил член на Централниот комитет на МРО, учествувал на Солунскиот конгрес (1896) и бил еден од составувачите на Уставот и на Правилникот на ТМОРО. Заедно со Гоце Делчев бил задграничен претставник на ТМОРО во Софија. Во Илинденското востание Ѓорче предводел чета во Прилепско и во Мариовско. По востанието останал во Македонија и работел на обновувањето на организационата мрежа, учествувал на Прилепскиот, Струмичкиот и Рилскиот општ конгрес. За време на Балканските војни и на Првата светска војна бил на служба во Серез, Битола и Драма. Тој бил член на Привременото претставништво на поранешната ВМРО, противник на врховизмот и на делбите на Македонија на Версајската конференција.

Во статија со наслов „Ѓорче Петров – ‘примерен бугарски поданик’, кој работел одвнатре за македонското дело“ фејсбук-профилот „Македонија – вистинска бескрајна приказна“ ( „Macedonia : a True Endless Story …’ има напишано: „За Ѓорче Петров, Бугарите тврдат дека се изјаснувал како „бугарин“. Но, говорел и се борел за независна Македонија, односно фактички против Голема Бугарија. Како е можно тоа? Вo тoa време, „бугарин“ не било етничко, туку политичко име. Недвојбено, поимот „бугарин“ тогаш е политички, а не етнички назив. Пред 100 години, според тогашниот Устав на Бугарија, поимот „бугарин“ означувал – поданик / граѓанин-државјанин. Бугарското Кнежество не признавало етнички заедници, туку сите граѓани на Бугарија, како и поданиците на Бугарската егзархија, биле „бугари“, т.е. бугарски поданици.  Коренот на ваквото позиционирање на некои македонски револуционери се политичките состојби на Балканот во 1880-тите и новата опасност над Македонија. Како и сите македонски револуционери така и Ѓорче се залагал за да остане Македонија цела и неделива. Тоа значи и барање сојузник во најмалото зло. Ѓорче се школувал во бугаристичките егзархиски училишта, кои заедно со Егзархијата биле најсилната алатка во спроведувањето на бугарската асимилаторска политика. Наспроти неа, Ѓорче заклучил дека работењето за македонското дело, преку користење на Бугарија како територија и институции, е најмалото од сите зла околу Македонија.

По војната, во 1885, тој почнал и да работи како учител во eгзархиските школи. Тогаш почнал и да собира географски и етнографски материјали за Скопската и Битолската Околија. Тие податоци во 1896 година Ѓорче Петров ги издава во книгата „Материјали за изучувањето на Македонија”, географски труд во којшто се опишуваат најважните планини, реки и патишта во Македонија. Книгата е испечатена и издадена во 1896 година, во Софија, Бугарија, на тамошната книжевна норма. „Благословена земја е Македонија со своите полиња и езера, каде што се излеал сиот божји благослов на земјата!“ – нагласил Петров за својата татковина Македонија.

Во „Материјали за изучувањето на Македонија“ и во други написи потоа спомнува и „бугари“ во Македонија. Тој работи одвнатре „под маската бугари“, како што Крсте Мисирков ја опишува стратегијата на македонските револуционери. И тоа е одлична тактика. Во своите „Спомени“ во врска со ова Петров пишува: „Ние дури след време ги разбравме владините махинации, посегнувањата на бугарската влада да ја земе организацијата во свои раце, за да ја парализира, и се уверивме, оти нашето почетно мнение сеопшта искреност по ослободителното дело спрема бугарската влада била проста наивност. Во врска со овие односи со владата проникна во нас идејата, систематски да одбегнуваме тесни врски со официјалната власт во Бугарија. Од тактички воображенија оваа идеја, без да ја прогласуваме нашироко, молчеливо сме ја протуркувале во својата дејност. И во овај правец тука врвеше воспитанието на сите нови сили, што одеа во внатрешноста.“

Ѓорче стекнува огромна доверба кај бугарските власти. Истата година, воениот министер Рачо Петров му нудел стипендија за да студира картографија некаде во Западна Европа. Но, Ѓорче одбил и останал да учителствува во Македонија. Следната понуда на Рачо Петров била оружје – помош за ВМРО. Бесплатни 2.000 пушки-мартинки. Подарок. Како што самиот Ѓорче вели во своите Спомени (издадени 1927., по неговата смрт), ВМРО (ТМОРО) ги прифатила. Тогаш односите со бугарската влада и со софискиот Врховен комитет сѐ уште биле пријателски. Bо 1896 година и многупати потоа, Ѓорче се однесува како „добар“ бугарски поданик, а ВМРО одлично го ползувала тоа. Но, само 2 години претходно, во 1894, во списанието „Лоза“, Ѓорче под лажно име говори за Македонците како посебен ентитет и повикува на нивно обединување: „Положбата на нас, Македонците, последниов период сè повеќе се влошува… Соседните ослободени држави го прибираат македонското население, од кое што половината не се ни враќа на својата земја, а нив ги заменуваат заселници Турци и Черкези–Mаџири. Сè тоа јасно ја покажува положбата на нашата мила татковина Македонија… Нужно е сите Македонци да се обединиме, и здружно да дејствуваме.“ (весник „Лоза“, бр. 5, с. 37-38, под псевдоним „Николев“, 1894).

Суштински, Ѓорче Петров се борел за самостојна Македонија, со посебен, одделен македонски народ, со своја посебна македонска национална историја. „Македонија, по својата иницијатива и по силата на својот живот, се оформи самата себеси во одделна морална единица, со својата специфична идеологија. … Македонското ослободително дело не се должи само на поединци, туку на колективната волја на населението во Македонија.“ – има напишано Ѓорче  во својата „Беседа за Гоце“. Ѓорче Петров низ целиот свој живот бил „успешен бугарски поданик“. Така направил и успешна политичка кариера во Софија. Но тоа секогаш го користел во полза на Македонците и македонското револуционерно движење. Затоа и неговиот противник Toдор Александров во едно писмо до Владимир Карамфилов од 6 јули 1919 ќе истакне: „Шмеќарот Ѓорче, анархистот-безделник [Михаил] Герџиков, како и санданистите, дoкажаните предавници на бугарскиот народ и во минатото и сега се борат и се залагаат за самостојна Македонија како одделна економска и географска единица, со одделен ’македонски народ‘, со своја посебна историја од векови наназад … Некои од нив дури и се закануваат дека со оружје в рака би се бореле против можното обединување на Македонија со Бугарија.”

После 2 години, во 1921-вата, Александров  наредил да биде убиен Ѓорче Петров. На најсветлите страници на македонската национална историја останува засекогаш запишана борбата и посветеноста на Ѓорче Петров секогаш во полза на македонското дело и за независна македонска држава и нација.

Извори: „Експрес“, „Нова Македонија“, „Википедија“

 

Најнови вести од: Македонија

Анри Барбис: Македонците, коишто имаат свој автентичен посебен јазик и своја неспорна етничка оригиналност, го немаат дури ни правото да се нарекуваат Македонци!

„Македонците, коишто имаат свој автентичен посебен јазик и своја неспорна етничка оригиналност, го немаат дури ни правото да се нарекуваат Македонци. Нам ни припаѓа правото јасно и високо да протестираме против поробувањето и угнетувањето на еден народ.“  – напишал Анри Барбис на во својата статија со наслов „Поробен народ“ („Un peuple asservie“), која е објавена на 28 јуни 1930 година во публикацијата „Монд“ број 108. Барбис е блескав француски писател, добитник на највисоки француски државни награди за вредностите на својата литература. Во „Поробен народ“ овој француски писател употребува директно за Македонците оригинални француски формулации „une nation“, „langue distincte“ и „originalité ethnique“, кои во францускиот политички и интелектуален речник од тоа време имале многу силно значење и означувале: посебен народ, посебен идентитет и различен, посебен јазик. Формулациите на Барбис „свој посебен јазик“ и „неоспорна етничка оригиналност“ се јасно признавање на постоењето на македонскиот народ и на македонскиот јазик среде интелектуална Франција и интелектуална Европа. Уште пред сто години, Барбис зборува експлицитно за Македонците како посебна нација, а не како дел од друга балканска нација.

Муцунски: Нема „северномакедонски народ, идентитет и јазик“, туку само македонски народ, јазик и идентитет, секое нивно оспорување ќе наиде на соодветен одговор!

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија Тимчо Муцунски денеска, на покана на министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска Гордан Грлиќ Радман, учествуваше на панел-расправата „ ЕУ и Западниот Балкан: заедничко решавање на недовршените работи“ во рамки на Дубровник- форумот, посветена на европската перспектива на Западен Балкан и иднината на политиката на проширување. Во обраќањето министерот Муцунски се осврна на актуелните иницијативи за постепена интеграција на земјите кандидати во Европската Унија, оценувајќи дека тие можат да бидат значајна алатка, ако претставуваат мост кон полноправното членство. „Ако новиот модел на постепена интеграција претставува мост кон полноправно членство, тогаш ќе биде исклучително корисен. Но, мора да внимаваме да не стане алатка, која ќе создаде трајна чекалница без врата кон целосно членство“, истакна Муцунски.

Лефков: Филипче е слуга на Бугарија и не го засегаат нејзините напади врз Македонија, идентитетот, јазикот и историјата!

„Додека државните претставници на Македонија секој ден наоѓаат начини за соработка, јакнење на билатералните односи, јакнење на позицијата на државава на меѓународна сцена како што се деновиве активностите на министерот Муцунски во Дубровник, дома го имаме опозиционерот Венко Филипче и неговите другари од раководството на СДС, кои знаат само да слугуваат на туѓи интереси, сега конкретно слугуваат на Бугарија!“ – нагласи на денешната прес-конференција Миле Лефков, член на ИК и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Василевска: Македонија и оваа година ќе биде пример во регионот за исполнување на реформските задачи

Европските институции ја потврдуваат посветеноста на Македонија во спроведувањето на реформскиот процес, што резултираше со најзначајна финансиска поддршка од Планот за раст

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче молчи за бугарските провокации и работи на штета на државата

Филипче беше дел од структурата на СДС која ги распродаде македонските национални интереси, структура која го понижи македонскиот идентитет, го доведе во прашање јазикот и историјата

Одбележување на 80-години од почетокот на Граѓанската војна во Грција и 78-годишнината од прогонството на децата Македонци

Во организација на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и соорганизација на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Сонцето од Кутлеш“ – Скопје

Најнови вести

To top