Лидерите на 32-те земји членки на НАТО денеска и утре во Анкара ќе разговараат за иднината на Алијансата, со акцент на војната во Украина, зголемувањето на воените инвестиции и заканите од Русија.
Самитот се одржува во претседателскиот комплекс „Бештепе“, а во него учествува и македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова, која ја предводи делегацијата во која се и министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, најави дека самитот ќе испрати јасна порака дека Алијансата дополнително инвестира во одбраната, ја зајакнува својата индустриска база и вложува во нови технологии.

„Ќе потврдиме дека инвестираме во клучни технологии за да ги исполниме безбедносните барања на денешницата и утрешницата“, изјави Руте.
Главните теми на самитот се спроведувањето на одлуките за зголемување на издвојувањата за одбраната, зајакнувањето на капацитетите за одвраќање и одбрана, состојбата во Украина и безбедноста на јужното крило на НАТО. На крајот на самитот се очекува усвојување на завршна декларација со која повторно ќе се потврди непоколебливата посветеност на членот 5 од Северноатлантскиот договор.
Според најавите, лидерите ќе објават и нов пакет помош за Украина во вредност од околу 140 милијарди евра за оваа и следната година.
На маргините на самитот се одржува и Форум на одбранбената индустрија на НАТО, на кој се очекува потпишување на договори вредни повеќе десетици милијарди долари.
Самитот во Анкара ќе испрати недвосмислена порака до Москва дека Алијансата останува цврсто обединета во осудата на руската агресија врз Украина и дека секоја дополнителна дестабилизација на европската безбедност ќе наиде на решителен и колективен одговор.
Лидерите ќе ја потврдат подготвеноста на НАТО да ја заштити секоја педа од својата територија, притоа јасно ставајќи до знаење дека политиката на „отворени врати“ и поддршката за Украина не се предмет на преговарање
