Според обвинителниот акт, првообвинетиот како претседател на Управниот одбор и член на Кредитниот одбор, второобвинетиот како претседател на Кредитниот одбор и третообвинетиот како претседател на Одборот за управување со ризици и член на Управниот одбор, во периодот од 2013 до втората половина на 2019 година, постапувале спротивно на одредбите од Законот за банките и интерните акти на банката. Со одобрување кредити на кредитно неспособни и поврзани правни лица, без соодветни анализи и обезбедување, со прикривање на реалната финансиска состојба и ризиците, како и со неточно известување до Народната банка, придонеле за значително влошување на финансиската состојба на Еуростандард Банка АД Скопје. Со ваквото постапување придонеле банката да биде доведена во стечај, а доверителите да бидат оштетени во износ од 1.662.417.664 денари.
Според обвинителниот предлог, четвртообвинетиот, во својство на претседател на Надзорниот одбор на Еуростандард Банка АД Скопје, во периодот од 2013 до 2019 година, со несовесно вршење на своите овластувања и пропуштање на должен надзор, постапувал спротивно на обврските утврдени со Законот за банките. Со тоа овозможил одобрување на нефункционални кредити, преземање прекумерни кредитни ризици, неточно прикажување на финансиската состојба на банката и непочитување на законските и интерните процедури при кредитирањето, со што придонел за создавање видлива несолвентност (платежна неспособност), намалување на сопствените средства на банката и нејзино доведување во стечај по сила на закон.