Македонија

ДУИ и Ахмети повикуваат на учество на втор протестен марш против одлуката на Уставниот суд и за враќање на старите имиња на улиците во Тетово

ДУИ денес официјално повика на учество на вториот протестен марш, кој ќе се одржи в сабота во Тетово, како реакција на одлуката на Уставниот суд за укинување на одлуката за именување на улиците и враќање на старите имиња. Од партијата нагласија дека протестот ќе биде мирен и граѓански, со цел, како што велат, да се заштитат Охридскиот рамковен договор, уставниот поредок и правната сигурност.

Според ДУИ, одлуката на Уставниот суд е непосреден повод за протестот, но незадоволството, како што наведуваат, е пошироко и се однесува на, според нив, „слабеењето на механизмите што произлегуваат од Охридскиот рамковен договор“.

Од партијата тврдат дека Советот на Општина Тетово ја донел одлуката за именување на улиците „во согласност со законот и со потребното двојно мнозинство“. Исто така, од ДУИ тврдат и дека „Владата не реагирала во законски предвидениот рок, што, според Законот за локална самоуправа, значело дека актот е одобрен“. „Интегристите“ наведуваат дека „одлуката повторно била усвоена за да се отстранат сите процедурални дилеми, но и тогаш Владата не презела никакви мерки“.

Според ДУИ, „одлуката за именувањето на улиците била дел од правниот поредок речиси две децении“, а најновата одлука на Уставниот суд, наводно, „создава преседан што отвора прашања за правната сигурност и за начинот на кој се третираат прашањата поврзани со Охридскиот рамковен договор“. Партијата на Али Ахмети ја критикуваше и Општина Тетово, наведувајќи дека „во текот на постапката пред Уставниот суд не доставила побарани појаснувања и документација“. Со тоа, според ДУИ, „не успеала правно да ја одбрани сопствената одлука“.

Во соопштението на ДУИ се посочува и дека „идните одлуки на Уставниот суд, меѓу кои и очекуваната одлука за Законот за употреба на јазиците, треба да бидат засновани на Уставот, Охридскиот рамковен договор и принципот на правна сигурност“.

Најнови вести од: Македонија

Клековски: Западнонилската треска стивнува, на Клиниката за инфективни болести сe згрижени шест пациенти

Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека епидемијата на западнонилската треска стивнува, за што говорат податоците дека во последните две седмици има по два нови случаја, а и на Клиниката за инфективни болести моментно се згрижени шест пациенти, од кои само двајца се во потешка состојба.

Мицкоски: Колку и да сакаат да го оцрнат работењето на оваа Влада, денес многу подобро се живее отколку пред 3 години!

„Пред 25-26 месеци наследивме  уништени институции, ограбена економија, клекната на колена држава, разочарани и демотивирани граѓани. И сега,  колку и да сакаат да го оцрнат тоа што денеска оваа Влада го работи, ќе мора сите да се согласиме дека денеска многу подобро се живее од тоа што беше пред три години.“ – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи  на новинарско прашање во врска со забелешките на опозицијата околу порастот на бруто-домашниот производ.

„Babuna Red 2023“ на „Тиквеш“ го освои Лондон: Престижен трофеј за најдобро црвено вино од Македонија

На свечениот настан за доделување на наградите освоени на годинешниот International Wine Challenge (IWC), што се одржа на 8. септември во Лондон, трофејот за „Babuna Red 2023“ за најдобро црвено вино од Македонија, му беше врачен на претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски. Со оваа награда, „Babuna Red 2023“ се вбројува меѓу вината што оставија најсилен впечаток на едно од највлијателните и најценети светски вински натпреварувања, потврдувајќи го квалитетот, автентичноста и меѓународниот потенцијал на македонското вино. Ова престижно признание има и дополнителна тежина бидејќи „Babuna Red 2023“ на истиот натпревар освои и златен медал со високи 95 поени, издвојувајќи се меѓу најдобро оценетите вина во својата категорија.

To top