Денешните парламентарни избори, претставуваат сериозен тест кој би можел да ја одреди политичката иднина на актуелниот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Бенјамин Нетанјаху, (77)кој е премиер на Израел подолго од кој било друг, се соочува со неизвесна трка. Негов главен противник е Гади Ајзенкот, поранешен началник на Генералштабот на израелската војска, а анкетите покажуваат дека битката за формирање нова влада би можела да биде многу тесна, пренесува АП.
Ова се првите парламентарни избори во Израел по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година и војната во Појасот Газа што следеше потоа. Безбедносните пропусти што го овозможија тој напад, како и последиците од долгогодишниот конфликт, се меѓу централните теми на изборната кампања.
Гласачите избираат пратеници за Кнесетот, кој брои 120 места. Има прогнози дека партијата Ликуд на Нетанјаху може да ги загуби изборите, додека „Јашар!“ – предводена од пензионираниот генерал Гади Ајзенкот – се очекува да избие како водечка политичка сила.
Според најновата анкета на „Маарив“ (Maariv), „Јашар“ е најголемата партија со 21 пратеничко место, додека Ликуд паднал на 18 места (губејќи две). Анкетата на „Зман Израел“ (Zman Israel) ѝ доделува 26 места на „Јашар“, наспроти 20 за Ликуд.
Сепак, ова не го решава прашањето кој ќе ја преземе власта.
Во овој момент, ниту еден блок – ниту оној околу Ликуд, ниту оној околу „Јашар“ – не може да ги обезбеди 61-то место потребно за мнозинство. Според анкетата на „Зман Израел“, опозицискиот блок би можел, во најдобар случај, да освои 54 места.
Во моментов, се предвидува дека арапските партии – „Раам“ и „Заедничката листа“ – ќе освојат вкупно 14 пратенички места. Тие не се дел од ниту еден блок, а и не се добредојдени во нив. Единствената можност за изненадување лежи кај малите партии кои се движат околу изборниот праг, кој во Израел изнесува 3,25%.
Бенјамин Нетанјаху, познат по прекарот „Биби“, е роден во Израел, но пораснал во Пенсилванија, САД. Работел како дипломат, вклучително и како амбасадор во Обединетите нации.
Нетанјаху за првпат бил избран во парламентот во 1988 година, а до 1996 година веќе бил избран за премиер. Ја извршувал премиерската функција до 1999 година, а подоцна служел како министер за надворешни работи и министер за финансии во кабинетот на Ариел Шарон. Во 2009 година, тој се врати на функцијата премиер и остана на власт до 2021 година, кога ја препушти власта на Нафтали Бенет и Јаир Лапид. Нешто повеќе од една година подоцна, Нетанјаху повторно дојде на власт.