Македонија

Сиљановска-Давкова: Уставот не е само закон над законите, туку и општествен договор меѓу граѓаните и државата

Средбата со младите правници е дел од серијата разговори што тие ги иницираа со личности кои учествувале во создавањето, толкувањето и изучувањето на Уставот

По повод 35-годишнината од донесувањето на македонскиот Устав, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера имаше средба со претставници на Македонското здружение на млади правници, придружени од други правници, одбрани на конкурс.

Претседателката, која во 1991 година беше надворешна членка на Уставната комисија, најпрво го изрази својот став за концептот, содржината и структурата на Уставот, а потем ги презентираше фазите на неговото донесување, со посебно внимание на подготовката на Нацрт уставот, којшто беше ставен на јавна дискусија, од којашто произлегоа бројни забелешки на преднацртот и предлог измени. Таа ја опиша атмосферата во којашто се одвиваше дебатата меѓу пратениците, стручната група којашто го подготви работниот текст и експертите.

Претседателката начелно, позитивно го вреднува уставот од 1991 година, повикувајќи се на компаративните уставни решенија, на оценката на релевантни меѓународни институции и конституционалисти, но укажа и на проблематичните решенија што не го положиле тестот на времето.

Исто така, посочи дека сме рекордери во уставни измени, меѓу коишто голем број се октроирани однадвор, дека сме редок пример на држава којашто сменила преамбула два пати, а згора, со непозната уставно правна техника, дека уставот е тежок за читање, заради непрецизните и нејасни одредби и различната и неусогласена правна терминологија, што го прави податлив за различни интерпретации.

За неа, односот кон уставот е далеку од однос кон lex superior и најважен општествен договор меѓу граѓаните и државата.

Според Сиљановска-Давкова, Уставната комисија, во којашто треба да се вклучат и надворешни уставноправни експерти мора континуирано, по примерот на другите парламенти, да го следи спроведувањето на уставот, детектирајќи ги слабостите на уставноправниот систем и предлагајќи соодветни решенија, како и подготвувајќи нов дел како уставна материја за односот меѓу македонското и европското право.

Претставниците на Македонското здружение на млади правници укажаа на потребата од негување на уставниот патриотизам, водени од важноста на едукацијата за уставот како темел на правниот поредок, гарант на човековите права и слободи и основа за функционирање на демократските институции.

За нив, Собранието во процесот на уставните измени мора да ја почитува процедурата, не заборавајќи дека суверенитетот извира и им припаѓа на граѓаните. Тоа мора да биде отворено за експертите во текот на работата, а преферирајќи инклузивни постапки на одлучување.

Средбата е дел од серијата разговори што ги иницираа младите правници со личности кои учествувале во создавањето, толкувањето и изучувањето на Уставот.

Најнови вести од: Македонија

Јанкуловски: Македонија веќе не молчи пред понижувањата од Бугарија околу македонскиот идентитет и јазик, туку бара почит од неа и ЕУ!

„Понижувањето што го трпиме од соседна Бугарија не е само последица на конфликтот околу нашиот идентитет, јазик и култура. Тоа е тактика во дипломатијата. Но, соочени со очекувањето на нови понижувања и свесни дека тие ќе продолжат, новата власт во Македонија бара почит и достоинство во односите со другите држави, и, секако, со Европската Унија. И, замислете, Македонија веќе не молчи пред понижувањата.“ – нагласува универзитетскиот професор д-р Звонимир Јанкуловски во својата колумна со наслов „Понижување и срам – време за достоинство“, која ја објави информативната агенција „Нетпрес“.

Панов: На оспорувањата на македонската историја не одговараме со зборови, туку со историски документи и проверливи факти

Институтот за национална историја денеска ги промовираше резултатите од проектот проектот „Извори за историјата на Македонија – тематска целина религија“. Оваа колективна монографија е замислена како долгорочен макропроект, структуриран во повеќе тематски целини, насочени кон прибирање и критично проучување на историската граѓа за Македонија, проширување на документарната основа и отворање нови истражувачки прашања. Ова го објави „МКД.мк.“

To top